Битолските вљубеници во филмската уметност ќе можат да уживат во најсовремените технички услови на седмата уметност, бидејќи во Центарот за култура во Битола пристигна најавената дигитална кино – опрема, која ќе биде промовирана со емитувањето на неколку филмски остварувања од годинешното издание на фестивалот „Браќа Манаки“.
– Имаме набавено нова дигитална опрема која што повеќе пати ја најавувавме и истата веќе е стигната, поставена и е спремна за реализација на 34- тото издание на фестивалот „Браќа Манаки“ . Но, освен она што е најзначајно за тој сегмент, фестивалот да биде технички на највисоко ниво во својата историја, опремата е исто многу значајно за понатамошното функционирање на киното во центарот за култура- рече на денешниот прес Борче Димитровски, директор на Центарот за култура во Битола.
Опремата чини над 110.000 евра, средствата се обезбедени од страна на Министерството за култура, “Еуримаж” и Општината Битола. Конечно се создадени сите технички услови за врвна реализација на фестивалот “Браќа Манаки”.
Во битолскиот Центар за култура, по завршувањето на фестивалот, ќе биде отворено 3 Д- кино со секојдневен репертоар од најновите светски филмски хитови, а за самиот старт во октомври, во редовен репертоар, битолчани ќе ги видат македонските фгилмски остварувања “Соба со пијано” од Игор Иванов Изи и “Балканот не е мртов” од Александар Поповски.