97.804 застанаа на страна на Балканскиот рис со порака – Да го зачуваме еден од најстарите национални паркови во Европа и дом на Балканскиот рис – Маврово!
Поттик за спроведување на оваа електронска петиција беше резолуцијата на Меѓународната унија за зaчувување на природата (IUCN) и поддршката од над 100 еминентни експерти и научници кои беа едногласни во својот став – ВО МЕЃУНАРОДНО ПРИЗНАТИОТ НАЦИОНАЛЕН ПАРК МАВРОВО НЕМА МЕСТО ЗА ХИДРОЕНЕРГЕТСКИ ПРОЕКТИ – велат од Коалицијата „Екологијата приоритет“.
„Меѓународната електронска петиција за спас на еден од најстарите национални паркови во Европа започна на 9ти април годинава, а поддршката можеше да се даде до 5ти септември. 97.804 побараа од Светската Банка и ЕБОР да се откажат од финансирањето на двата хидроенергетски проекти Луково Поле и Бошков Мост.
97.804 испратија едногласна порака до Владата на Република Македонија да се откаже од намерата за реализација на двата хидроенергетски проекти Луково Поле и Бошков Мост.
На ваков симболичен начин, преку стрип со нашиот главен јунак рисот Спасе, сакаме да ја пренесеме оваа поддршка до претседателот на Владата, Никола Груевски. Се надеваме дека Владата на Република Македонија сериозно ќе го земе предвид апелот од 97.804 потписници на петицијата за спас на Маврово и ќе одговори на резолуцијата испратена од страна на Меѓународната унија за зaчувување на природата во полза на паркот. Согласно меѓународното право очекуваме Владата да испрати покана до Меѓународната унија за
зaчувување на природата да го посети Националниот Парк Маврово и да даде свој увид по однос на влијанието на двата хидроенергетски проекти.
Дополнително, согласно Архуската конвенција и начелото на учество на јавност како и напорите на Владата за транспарентност во донесувањето одлуки, очекуваме организирање на јавни расправи за претстојниот Закон за репрогласување на Националниот парк „Маврово“ и дефинирање на зоните на заштита пред нивно финализирање и усвојување од страна на Собранието – велат од Коалицијата „Екологијата Приоритет“ .