За поезијата на македонскиот поет Никола Маџиров деновиве се појавија исклучително позитивни критики во повеќе шпански весници, кои се пласираат и на милионскиот латино-американски пазар.
Најтиражниот шпански дневен весник El Pais, кој има свои редакции во Мадрид, Барселона и Латинска Америка, објави одлична критика за поезијата на Никола Маџиров со наслов „Еден европски глас”.
Критичарот на El Pais, ја споредува поезијата на Маџиров според естетските квалитети со онаа на Јехуда Амихаи, Мирослав Холуб, Васко Попа, Адам Загајевски или Марин Сореску.
„Маџиров ја има истата способност за обновување на метафорите како кај големите поети од минатото”, пишува El Pais Паис” во текстот во кој се заклучува дека „книгата на шпански јазик ‘Изреченото нè прогонува’, веќе придонесува Маџиров да биде неодминлива референтна точка во новата европска поезија. Неговите стихови, и длабоки и светли, и мевлем и болка, навлегуваат во најбогатата традиција на европската поезија а, сепак, се толку лични. Поезијата на Маџиров расте со секое читање. А со неа, и ние“.
Позитивни критики за поезијата на Маџиров објавија и весниците во шпанската покраина Андалузија, под наслов „Никола Маџиров или тишина”, а баскискиот најтиражен весник Beria го најавува како еден од најзначајните нови светски поети со исцрпно интервју на баскиски јазик. Шпанското списание за уметност и култура Artes напиша: „Поетската книга на Маџиров е одушевувачка, моќна и поттикнувачка“, а критичарот Валентин Алонсо, споредувајќи ја поезијата на Маџиров со онаа на Збигњев Херберт, пишува: „Брилијантноста на стиховите е тука. Поезијата на Маџиров е како чист глас и светлина, која креира слики што нè погодуваат како молњи“.
Книгата на Маџиров „Изреченото нè прогонува”, во шпански превод на Јоланда Кастањо и Марија Петровска, ја објави шпанската издавачка куќа „Пре-Текстос” во едиција заедно со книгите на Рилке, Бодлер, Песоа, Пушкин, Шекспир, Ник Кејв, Маларме, Блејк, Витман…
Поезијата на Никола Маџиров е преведена на четириесет јазици и ја има добиено европската поетска награда „Хуберт Бурда” за автори од Централна и Источна Европа, наградата за современа светска поезија „ДЈС” во Кина, европската книжевна стипендија „Маргарит Јурсенар” и други меѓународни признанија …
извор: макфакс