Најуспешни на меѓународниот арт фестивал „Езерски бисери“ во Струга, во категоријата класична музика се младата виолинистка Ева Богоевска и пијанистот Шкељзен Бафтиари од Македонија, како и хорот „Мелодија“ од Русија.
Тие освоија награди лауреати од прв степен, но ќе добијат и специјални награди „Бисери“ на фестивалот, бидејќи ги освоија максималните 100 поени од стручното жири.
Членови на жирито се Михаил Аронович Готсдинер, професор по виолина на конзерваториум Чајковски во Москва, Владимир Вовченко, професор по хармоника и композитор, директор на музичкото училиште „Мајкапар“ во Москва, Даниела Дикова, професор по пијано (Бугарија), Станислава Поцевска, професор по пијано, Страшо Темков, професор по флејта, Симона Зафировска, директор на Музичкото училиште во Тетово, Маја Митровска, професор по соло пеење, а претседател на жирито беше Јован Бицевски, професор по виола и директор на МБУЦ „Илија Николовски Луј“ во Скопје.
Уметниците се натпреваруваа во повеќе дисциплини, класична музика-солисти на виолина, пијано, флејта, хармоника, потоа соло пеење, вокално инструментални состави, камерни состави. Меѓу наградените се и пијанистот Матеј Божиновски, виолинистката Стефани Радинска, пијанистките Нита Груби и Марија Николовска од Македонија, триото Наиса од Србија, Жумалиева Акслу Утрабаевна од Казахстан за соло пеење и други…
Вчера во Центарот за култура во Струга се одржа исто така и натпревар во дисциплината кореографија, театарски балет. Настапите ги отценуваше жирито составено од следниве членови: Николај Кабанов (Германија), театарски режисер и актер, Владимир Вовченко (Русија), композитор, Сања Шутевска, балетски педагог и кореограф и Јован Бицевски, претседател на жирито (Македонија). Првото место го освои театарскиот колектив „Студија“ , а второто и третото студиото „Мост“, сите од Русија.
Денеска и утре од 10 до 20 ч. во Центарот за култура во Струга се натпреварите во втората фестивалска програма: естрада, кореографија, фолклор.
извор: мкд.мк