Арс Акта – Билборд компаниите селективно ги објавуваат нашите дела

Делото на Паскали „За секое семејство ДУПЛО – за доброто на Македонија“ третира еден општествено-социјален феномен на македонската прокрастинација во однос на отворена и силна битка против институционалната автократија на големите економски монополи (јавни установи кои нудат комунални услуги) …

umetnosta na bilbord 2 7

Институтот за култура и уметност Арс Акта отсекогаш инсистирал на слобода на говорот, пред се, а потоа и на уметничкиот израз. Се борел јавно против цензурата во уметноста и протежирал јавен оглас, без оглед на природата на уметничкото дело. Медиумот, кој веќе втор пат го одбираме како модус за презентација на уметнички дела до поширока публика – билбордот, со нашиот проект „Уметност на билборд“, заради својата природа подразбира и поголема одговорност и подиректен општествено-социјален атак од страна на повеќе општествени групи, моќници, институции, па дури и политички инстанци, пишува во соопштението на Арс акта.

Од 8-те планирани билборди, како дел од второто издание на „Билборд арт“, делото на уметницата Ирена Паскали, курирана од ко-кураторот на проектот Маја Чанкуловска – Михајловска „За секое семејство Дупло – за доброто на Македонија“, не е воопшто ни поставено. Зошто? Арс Акта, како организатор, два дена се обидуваше да убеди било која од билборд компаниите да го постават ова дело, на некој од уличните билборди. Но, за жал залудно. Токму овој обид, делото барем да заживее, беше причината што ние како организатори замолчивме за оваа ситуација привремено, со цел по поставување на истото јавно да проговориме за цензурата на делото на Паскали.

Делото на Паскали „За секое семејство ДУПЛО – за доброто на Македонија“ третира еден општествено-социјален феномен на македонската прокрастинација во однос на отворена и силна битка против институционалната автократија на големите економски монополи (јавни установи кои нудат комунални услуги). „Во фокус на интерес на делото е односот кон темата, обработен од аспект на општествено – економски прашања. Одложувањето на секојдневното извршување на обврските и апатичноста за извршување на било каква административна дејност, кај граѓаните се јавува не само како резултат на генетскиот код, туку и како резултат на пошироко распространета општествена бирократска прокрастинација, со што самите себеси се поставуваме во безизлезна позиција на „Мебиусова лента“. Според системот на девизата „се поминува“, Паскали со нагласена иронија и игра на зборови и симболи го претставува отсуството на позитивен општествен модел и воопшто волја за применлив модел на професионална одговорност и дејствување, како и оправдувањата на локалниот менталитет и хедонизмот на традиционализмот, наспроти критиката за „вербата“ и надежта во систематичните западни „вредности“.“ (извадок од описот на кураторот Маја Чанкуловска – Михајловска).

Делото само по себе нема никакви правни, ни верски, ни политички, ни национални, ниту пак никакви други дубиози или неправилности или атак, но таа директност предизвика цензурирање на делото уште во самиот корен и зародиш, уште пред да биде испечатено и поставено на предвидената локација. Арс Акта доби негативен одговор од сите билборд компании во градот, а оправдувањата беа повеќеслојни и со различна природа, почнувајќи од: изговори за немање слободни локации за поставување на билборди, до изговори за конкурентноста меѓу компаниите, преку нагласување на нивното дискреционо право да стопираат поставување на билборд на наплатена билборд локација, па страв од последици (инспекции, контроли) и неизвесност за можните реперкусии…

Проектот на Паскали е цензуриран уште на самиот почеток пред „да се случи“. Се обидовме на било каков начин да дозволиме уметничкото дело да заживее, дури и со идеја за помали димензии на плакатот (во поголем број и раштркани низ градот) и поставени на герилски начин, но финалната одлука на уметницата Ирена Паскали беше да не се прават отстапки и импровизации од првичната замисла (на што целосно се согласуваме) и делото да остане само во облик на електронска верзија и отворено и директно да проговори за македонската сага и реалноста во однос на општественото битисување, системот, стравот, односот кон културата.

Во дадениов случај покрај уметницата Ирена Паскали и Арс акта е цензурирана, бидејќи со ваквиот пристап се има за интенција да се усмерат уметниците и културните работници да се авто-цензурираат во иднина и да не третираат општествено-социјални дискурси со критичка нота бидејќи катадневно ќе бидат под стрес, стигматизирани, па дури и игнорирани од страна на државните и приватните институции. Но и покрај сите намери, сигурни сме дека како и ние и многумина уметници ќе останат доследни на својата природа и потреба да бидат општествено одговорни индивидуи и групи на граѓани, свесни за состојбите во кои живееме, велат од Арс акта.

 

You May Also Like