Жирито предводено од актерот Мето Јовановски и режисерите Сулејман Рушити и Мартин Кочовски го прогласи Анастас Поп Димитров за најдобар актер на Меѓународниот фестивал „Актерот на Европа“, што се одржа на брегот на Преспанското Езеро.
Стручното жири се наведува дека актерот Поп Димитров, гостин од Бугарија кој настапи во претставата „Столови“ на Мал драмски театар-Битола оставил најголем впечаток кај публиката и професионални импресии кај жирито задолжено за избор на најдобрите и доделување на наградите.
Според одлуката на фестивалското жири за најдобра актерска изведба наградена е актерката од Грција Хриса Јоаниду која настапи во претставата „Човекот кој …” во режија на Павлос Данелатос, познат тандем кој пред извесно време престојуваше и настапи во Битола во театарскиот проект „Кралот Рес“.
На фестивалот „Актерот на Европа“ наградени се и словенечкиот актер Нико Горшиќ, актерот од Србија Иван Видосавлевиќ ја доби наградата од публиката, додека наградата „Жак Лакариер“ за иновативност и најдобар сценски експеримент е доделена за претставите подготвени во Универзитетот на аудиовизуелни уметности ЕСРА Скопје и Универзитетот Бахчешехир во Истанбул.
Годинава фестивалско признание додели и редакцијата на битолскиот неделник „Јавност“ кој го награди актерот Бедри Хоџа за монодрамското остварување „Не се смета“ на авторот и режисер Џенис Перидикис.
извор: МИА