Волонтерите од Здружението за волонтерско работно и едукативно ангажирање во сферата на екологијата „Акцијаши“ денеска (25 јули) кај градската плажа „Парк“ подигнаа камп за елементарни непогоди и ги почнаа активностите по повод одбележувањето на 50-годишнината од катастрофалниот скопски земјотрес од 1963 година.
Во кампот денеска попладне се сместија околу 150 волонтери и членови на бригадите што директно учествувале во расчистувањето на урнатините по скопскиот земјотрес, од повеќе делови на поранешна Југославија.
– Здружението „Акцијаши“ активно се вклучува во програмата на Град Скопје за одбележување на 50-годишнината од катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје. Нашите гости – волонтери оваа вечер ќе ја поминат под шаторите. Утре, на 26 јули, во 05:17 часот ќе не разбуди сирена, ќе се построиме и ќе се упатиме кон Старата железничка станица каде што ќе изведеме симулација на земјотрес, расчистување на урнатини, помош на настрадани и санирање повреди, во соработка со активистите на Црвениот крст на Град Скопје. По 12 часот се враќаме во кампот каде што Армијата на Република Македонија за нашите волонтери ќе подготви војничко гравче – вели Горан Илиев, член на управниот одбор на „Акцијаши“.
Во формирањето на кампот за елементарни непогоди на волонтерите од „Акцијаши“ денеска им помагаа и припадници на полицијата и на Армијата на Република Македонија.
– Со нашите активности сакаме да испратиме порака за хуманост и за солидарност и да го популаризираме волонтерството меѓу нашите сограѓани, особено меѓу нашите најмлади – нагласи Илиев.
Кампот за елементарни непогоди во Градскиот парк ќе се расформира на 28 јули.