30-ти Мариовско-мегленски културни средби

Во манастирот Свети Илија во близина на Витолиште, во Мариово, денеска, се одржаа 30-те Мариовско-мегленски културни средби …

vitoliste

На манифестацијата присуствуваа близу 200 посетители, сегашни и поранешни жители на Мариово, децата бегалци од Егејска Македонија, кои пристигнаа со автобус од Скопје и двајца жители на Меглен, Република Грција. Организатори на средбите се локалната самоуправа од Прилеп и Здружението за организирање на Мариовско-мегленските културни средби. Според Стојан Ѓуроски, претседател на Здружението, оваа манифестација е од огромно значење.

– Одржувањето на овие средби е од круцијално значење, зашто Меглен и Мариово ги дели вештачка граница, а од двете страни живеат етнички Македонци. Настојуваме да го задржиме идентитетот на средбите. Соработуваме со фолклорни здруженија од Грција и Бугарија, а не недостасува ниту научноистражувачката работа. Организирани се пет научни собири и издадени пет зборници, вели Ѓуроски.

Еден од двајцата мегленци што пристигнаа на манифестацијата е и Ристо Причков од Пожарско.

– Првпат доаѓам овде. Многу се израдував дека се сретнавме со наши браќа. Ако воздушно сме многу блиски, и една планина не дели, требаше пет часа да патуваме. Треба овие средби да не доближуваат, вели Причков, Меглен, Грција каде се 1300 жители, сите етнички Македонци.

Се одржа и богата културно-уметничка програма во рамки на која учествуваа повеќе културно-уметнички друштва како и претставници од Друштвото на писатели на Македонија, кои на претходно објавен конкурс од Здружението „Мариовско-мегленски културни средби“ се јавија со свои творби на оваа тема.

Според градночалникот на Прилеп Марјан Ристески, она што е особено значајно за овие средби е нивниот придонес кон развојот на руралниот туризам.

– Се негуваат културните традиции и Мариовскиот регион се промовира како вонреден потенцијал за културен туризам со придобивките кои ги нуди чистата животна средина, вели Ристески.

Покрај културно-уметничката програма, денеска во Мариово се одржа и велосипедска трка со учесници од целата земја. Велосипедистите пристигнаа уште вчера и кампуваа во селото Манастир, од каде беше и официјалниот старт на трката што се одржува по трет пат.

Организатор на трката е Здружението за унапредување на велосипедизмот „Вело Европа“ од Скопје со поддршка на прилепската локална самоуправа.

– Денеска верувам дека имаме околу 500 гости. Годинава имаме и две нови дисциплини: планинско трчање и планинарење. По првпат имаме и гости од балканските простори – од Хрватска, Србија, Косово, од Бугарија и Грција. Целта е да се промовира Мариово како туристичка дестинација, вели Горан Трајковски, претседател на „Вело Европа“.

Градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески нагласува дека намера на локалната самоуправа е да го промовира Мариово како туристичка дестинација, а огромен е потенцијалот на Мариово и за повеќе екстремни спортови.

You May Also Like