По повод јубилејот 25 години од почетокот на манифестацијата „Поетска ноќ во Велестово“ ве потсетуваме на зборовите на Петре М. Андреевски за овој фестивал и ова волшебно место:
„Велестово е чардак на небото. Или барем најблиску до него. Велестово е најсветла ѕвезда во нашето големо соѕвездие. Зошто таму седи Создателот и Содржателот на се`: на земјата и на водата, на радоста и на раѓањето, на вечната и непроменлива вистина. Затоа што таму и од една таква височина, мора да се чуле и нашите први зборови; и нашето сеќавање за нив и нашето препознавање со нив. Велестово е, всушност, еден облик на поетско вдахновение и една свечена илуминација што грее и најдалеку. Можеби и затоа ПОЕТСКАТА НОЌ ВО ВЕЛЕСТОВО е единствена со толку висока светлина.
Петре М. Андреевски
Јубилејното 25 издание на Поетската ноќ ќе се одржи на 16 и 17 август во Велестово.
———————–
Интернационалната манифестација Поетска ноќ во Велестово се организира од 1989 година како ноќ посветена на истакнати македонски поети и сликари.
Имено, првата Поетска ноќ во Велестово се одржала сосема случајно. Далечната 1989г. македонскиот поет Славе Ѓорѓо Димоски, родум од Велестово, издал нова стихозбирка. Не наоѓајќи никаква поддршка од локалните авторитети од градот Охрид, одлучил промоцијата да ја направи во родното Велестово, поканувајќи ги сите свои другари и пријатели, писатели, музичари, актери и други уметници, кои што се одѕвале во голем број. Кон промоцијата со своја ликовна изложба се приклучил и охридскиот уметник Вангел Наумовски и така настанал концептот на манифестацијата.
Во изминатите години биле претставени врвните македонски поети, како што се: Гане Тодоровски, Петре М. Андреевски, Радован Павловски, Михаил Ренџов, Анте Поповски, Богомил Ѓузел, Ефтим Клетников, Бранко Цветкоски, Јован Котески, Никола Маџиров, Владимир Мартиновски и многу други. Покрај поетите, со свои ликовни изложби се претставиле и академик Боро Митриќески, Сергеј Андреевски, Мирослав Масин, Родољуб Анастасов, Владимир Георгиевски, Вангел Наумоски, Дик Робертс (САД), Коле Манев и многу други музичари, актери и уметници.
Од 2009 манифестацијата доби интернационален карактер, со што се воведе втора ноќ на поетски читања и на неа учествувале поети како: Марам Ал Масри (Сирија/Франција), Лука Бенаси и Елена Рибет (Италија), Патрик Котер (Ирска), Жељко Миловиќ (Црна Гора), Ронит Бергман (Израел) и многу други.
Манифестацијата во изминатите години со својата оригиналност се избори за високо место во македонската културна мапа и постави поинакви вредности на манифестации од ваков тип, а тоа го потврдува и годинешниов сребрен јубилеј, 25 години од постоењето. Целта е да се доближи културата до руралните средини, воспоставување на културни контакти и зближување на разноликостите на културното размислување.