Јавен перформанс: Порака за соживот и мултикултура

Здружението на граѓани „Младите можат“ во сабота, 21-ви мај, 13:00 – 16:00 часот, во Скопје (улица „Македонија“, плоштад „Македонија“ и Старата скопска чаршија) организира флешмоб на тема „Сопри го моментот и промени нешто!“.

21 мај според ООН е Светскиот ден на културен диверзитет за дијалог и развој. Одбележувањето на овој ден ни дава можност да го продлабочиме нашето разбирање на вредностите на културната разновидност и да научиме подобро “да живееме заедно”.

Инспирирани од потребата за дијалог и зближување на младите од Македонија со различна етничка позадина, Младите можат организира флешмоб во центарот на Скопје. На перформансот ќе учествуваат 40 млади луѓе од различни заедници претходно обучени ( преку работилници за неформално образование, организирани во месец мај) за театарски техники во функција на младински активизам.

Флешмобовите (од анг. Flash – миг, момент и Mob – толпа) се собирања на луѓе на претходно одредено место и во претходно определено време. Учесниците во даден флешмоб обично постапуваат следејќи претходно утврдено сценарио, а потоа бргу се разотидуваат (погледнете вежба од првата работилница http://youtu.be/_XHyRY7xJpc ).

Театарските техники се базираат на техниките на светски познатиот режисер Августо Боал кој создаде специфична форма на театар -Театарот на угнетуваните. Оваа форма на изразување од страна на Обединетите Нации преку УНЕСКО, е препозната како „алатка за општествени промени“

„Сите ние сме актери: да бидеш граѓанин, не значи само да живееш во општеството, туку и да го менуваш.“
А. Боал

Во наредниот период Младите можат ќе организира уште работилници, дебати, Летна школа за мировно образование и преку партиципативно и креативно истражување ќе изработи тематски разгледници од Скопје кои низ визуелни пораки ќе ги раскажуваат урбаните приказни на повеќевековниот соживот, толеранција и мултикултурализам.

Младите можат преку проектот финансиран со грант од програмата Civica Mobilitas се вклучува во глобалната инцицијатива на прославување на Интернационалната година на млади според ООН преку организирање на настани и активности кои овозможуваат простор за дијалог помеѓу млади од различно етничко потекло со цел зајакнување на меѓуетничката кохезија и соработка.

________________________________________________________________________________________

Младите Можат е граѓанско здружение основано од млади луѓе и наменето за младите луѓе, со цел ширење на идејата за моќта на младите во улога на катализатор во денешното општество. Нашата мисија е охрабрување и оспособување на младите луѓе за нивно активно учество во развојот на општеството преку младинскиот активизам, како една моќна алатка преку која може да се креира промена и да се одговори на потребите на заедницата.

You May Also Like