Градот Скопје ги започна градежните работи на Градската плажа 2, на левата страна од кејот на реката Вардар, на просторот меѓу мостот „Гоце Делчев“ и Камениот мост. Стартот на градежните работи на Градската плажа 2 го означи градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.
– На површина од 1.775 квадратни метри, на кејот на реката Вардар ќе се постави урбана опрема од монтажен карактер – дрвени платформи, 20 маси, 80 столoви и 80 лежалки. Изгледот на Градска плажа 2 наликува на Градска плажа 1, којашто беше отворена за посетителите минатото лето. Подлогата ќе биде направена од ситен песок. Проектот за градска плажа на оваа локација предвидува и четири шанкови, детско катче со лулашки, киосци и бина за одржување манифестации. За корисниците на плажата ќе бидат поставени тушеви, чешми за вода и соблекувална – рече градоначалникот Трајановски.
– Дел од Градската плажа 2 ќе биде и одбојкарското игралиште со димензии 22 на 14 метри (полето за игра е 16 на 8 метри). Игралиштето ќе ги задоволува сите меѓународни стандарди за одигрување национални и меѓународни натпревари. Теренот ќе биде заграден и ќе го осветлуваат 8 рефлектори, што ќе овозможи игралиштето да се користи и во вечерните часови. Пристапот до Градската плажа 2 е обезбеден преку скалите што водат од мостот „Гоце Делчев“, а за лицата со посебни потреби ќе се изгради рампа. Градската плажа на кејот на Вардар ќе работи од 10 до 24 часот, а граѓаните ќе може бесплатно да ја користат. На плажата ќе бидат поставени табли „Забрането капење“.
Целта на проектот е да се овозможи граѓаните да добијат можност да се рекреираат на плажа и да се обезбеди пријатно место за одмор и забава во центарот на градот.
На јавниот оглас што го распиша Градот Скопје за користење на четирите шанка на Градската плажа 2 победи „Градска плажа груп – СИЗ Скопје“ којшто ќе плаќа закуп на просторот (корисна површина од 500 квадратни метри) од 5 денари за квадратен метар дневно.