IN MEMORIAM: Почина академик Георги Старделов

Денес (11 јануари 2021 година) на 90 години почина академик Георги Старделов, филозоф, естетичар, есеист, книжевен критичар, антологичар, теоретичар и историчар на културата, поранешен претседател на МАНУ и еден од најактивните и еминентни академици во земјава. Веста ја соопшти Филозофскиот факултет каде бил професор (1966-1995) и негов декан (1975-1977).

„Со голема жалост ја споделуваме веста дека денес, на 90 годишна возраст, почина академик Георги Старделов, еден од столбовите на македонската филозофска мисла и науката за убавото“, вели Факултетот.

Старделов е роден на 28 август во Гевгелија, дипломирал на Филозофскиот факултет, на Катедрата за филозофија на Универзитетот во Белград (1953). Докторирал во филозофија на Универзитетот во Скопје (1965). Бил и прв декан на Интердисциплинарните студии по новинарство (1977-1981), претседател на Филозофското друштво на Македонија и на Југославија, претседател на Друштвото на писателите на Македонија и претседател на македонскиот ПЕН центар.

Старделов беше почесен член на Друштвото на уметници во Шпанската кралска академија и редовен член на Европската академија на науките и уметностите, како и професор гостин на неколку југословенски, европски и американски универзитети. За дописен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран во 1986, а за нејзин редовен член во 1991 година.

Во периодот 2000-2004 бил потпретседател, а 2008-2011 нејзин претседател. Раководител е на Лексикографскиот центар во МАНУ од неговото основање во 2000. Основач и претседател на еден од најпознатите, сеопфатни и значајни хуманистички и интердисциплинарни макро проекти на МАНУ „Историја и култура на Република Македонија” (од 1993 година).

Добитник е на неколку домашни и странски награди и признанија. Автор е на повеќе од 30 значајни книги од областа на естетиката, историјата на естетиката и есеи. Автор на многу поетски и прозни антологии. Преведувал и уредил бројни капитални филозофски дела и автори. Ги има постигнато најзначајните резултати на полето на примена на филозофската херменевтика во анализата на книжевните и уметничките феномени.

You May Also Like