„Знаејќи повеќе за ЕУ, знаеме повеќе за нас“ во МКЦ

Европското движење во Република Македонија (ЕДРМ) во кино Фросина во МКЦ, организира манифестација по повод завршувањето на проектот „Знаејќи повеќе за Европската унија знаеме повеќе за нас“, проект кој е поддржан од Владата на Република Македонија и Делегацијата на Европската комисија, во соработка со фондацијата Конрад Аденауер. Покровител на манифестацијата е градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски.

– Сакам да ја искажам нашата поддршка, како институција којашто е надлежна за средните училишта во Скопје, на оваа форма натпревари што придонесуваат за збогатување на знаењата од современите општествени текови на средношколците. Ние како држава секојдневно работиме на следење и имплементирање на позитивните искуства што се стекнуваат и создаваат во контактите меѓу европските земји, на кои им припаѓаме со нашата голема традиција и култура.

За таа цел и Градот Скопје како главен град на државата, но и голем центар во областа на образованието и културата прави напори во целост да ги поддржи сите позитивни иницијативи меѓу кои и оваа интересна манифестација, со којашто, преку натпреварување на ученици од повеќе средни училишта, се доаѓа до пошироки и побогати сознанија за нашите врски со европските цивилизациски движења. Несомнено е дека реализацијата на вакви активности од едукативен карактер ќе дадат свој придонес во проширување на знаењата на средношколците за евроинтегративните поцеси во Република Македонија, како и формирање на евроамбиент во средните училишта, со активирање на самите ученици во процесот на осознавање на евроинтегративните процеси преку базични и функционални сознанија за Европската Унија – истакна Гордана Клинчаров, Секретар на Град Скопје.

Проектот е со едукативен карактер, со повеќе видови активности како предавања за ЕУ, дебати, проверки на знаења, како и други менторски активности. Целна група се средношколците, а во реализацијата учествуваа и студентите на постдипломските Европски студии за интеграција, при Филолошкиот факултет во Скопје.

Во рамките на проектот се одржа и квиз натпревар на знаење за Европа и за Европската унија, а на завршната манифестација се одржа финалето на квизот на коешто учествуваа екипите на: СУГС„Георги Димитров“ од Скопје, гимназијата „Сами Фрашери“ од Куманово, гиманзијата „Гоце Делчев“ од Куманово и гимназијата „Јосип Броз Тито“ од Битола. Најуспешни на квизот беа средношколците од гимназијата „Сами Фрашери“, второто место го освоија учениците од СУГС „Георги Димитров“, а третото место со еднаков број освоени бодови го деле учениците од гимназиите „Гоце Делчев“ и „Јосип Броз Тито“.

На манифестацијата се одржа и културно забавна програма, организирана од учениците и нивните наставници. Настапија: хорот на гимназијата „Таки Даскало“ од Битола, учениците од СУГС „Георги Димитров“ со училишната претстава „Македонија е во Европа-Европа е во Македонија“, учениците од гимназијата „Јосип Броз Тито“ од Битола, со кратка драмска претстава и со музичка точка и учениците на СУГС „Зеф Љуш Марку“ со музичка точка.

You May Also Like