Семинар „Културно наследство без граници“ во Крива Паланка

На 13 и 14 Септември во Манастирот Свети Јоаким Осоговски во Крива Паланка во организација на општина Крива Паланка и Регионалниот историски музеј од Ќустендил, ќе се одржи семинар на тема: „Културно наследство без граници“.

Семинарот „Културно наследство без граници“ се одржува во рамките на проектот „Културното наследство на нашите предци – духовен столб на нашата заедничка европска иднина“ од вториот повик на ИПА Програмата за Прекугранична Соработка на кој како проектен партнер учествуваше општина Крива Паланка.

Станува збор за сеопфатен проект чија првенствена цел е регистрирање и зачувување на културно-историското наследство од прекуграничниот регион, но исто така и анимирање и активно вклучување на поновите генерации, а особено младите, во зачувувањето како и заживувањето на старите традиции. Со таа цел, проектот е фокусиран околу три главни активности:

– Обемно кабинетско и теренско истражување од страна на тимови од експерти од Р. Македонија и Р. Бугарија со цел да се истражи, вреднува и регистрира материјалното и нематеријално, т.е. живо културно наследство (културно-историски споменици, обичаи, традиционални детски игри, легенди и сл.)

– Организирање на дводневен „Фестивал на традицоналната култура од прекуграничниот регион Крива Паланка- Ќустендил“ на кој учесници од Крива Паланка и Ќустендил презентираа елементи од културното наследство од регионот како традиционални детски игри, традиционални носии, песни и игри и традиционални јадења.

– Организирање на дводневен семинар „Културно наследство без граници“ на кој експертите истражувачи ќе ги презентираат резултатите од истражувањата предвидени со проектот во вид на статии, а исто така ќе бидат поканети и научници кои работат на полето на културно-историското наследство да се претстават со свои трудови кои се однесуваат на културно-историското наследство од овој регион. Сите трудови потоа ќе бидат објавени во вонредно издание на СЛАВИШКИ ЗБОРНИК на македонски и бугарски јазик, со кратки резимеа на англиски.

You May Also Like