Промоција на шестиот број на активистичкиот магазин “Лице в лице”

Промоција на шестиот број на активистичкото улично списание „Лице в лице“, во чии рамки премиерно ќе биде изведен уличниот перформанс кој го подготви Здружението Иницијатива за независен културен активизам ИНКА заедно со групата „Wezdensky“.

Настанот е овој петок, 23 август во 20 часот, пред хотел „Београд“ во Струшката чаршија, како дел од придружната програма на 52. издание на Струшките вечери на поезијата.
„Лице в лице“ со моќта на зборот

Ангажирани стихови ќе екнат низ Струшката чаршија,  „поетски маички“ ќе го облечат градот крај Дрим во ново руво, а моќта на зборот ќе се разлее низ улиците и меѓу граѓаните на  промоцијата на шестиот број на активистичкото улично списание „Лице в лице“, која ќе се одржи на 23 август во 20 часот пред хотел „Београд“.

Промоцијата е во рамките на придружната програма на  Струшките вечери на поезијата, а настанот ќе биде одбележан со уличeн перформанс – изненадување кој специјално за оваа прилика го подготви Здружението Иницијатива за независен културен активизам  ИНКА и групата „Wezdensky“.

Преку овој перформанс, поезијата ќе се доближи до пошироката публика, ќе се испрати силна порака која делува освестувачки и поттикнувачки.

Граѓаните кои ќе присуствуваат на настанот ќе имаат можност да го купат новиот број на списанието, но и да се вклучат во акцијата, за што ќе добијат и „поетски маички“ кои се дизајнирани специјално за овој настан,  а кои ги обезбеди „Кимико“. Со промотивните броеви на шестото издание на „Лице в лице“, граѓаните ќе добијат и подароци од Македонски Телеком.

Промотори на овој број се нашите познати писатели  Лидија Димковска и Владимир Мартиновски, поетесата и критичарка Мерсиха Исмајлоска, како и првата Македонка – подводен археолог  Валентина Тодороска.  Исмајлоска и Тодороска се и членки на здружението „Сороптимист“, а токму преку ова здружение, продавачите на „Лице в лице“ ќе имаат полесен пристап за продажба на магазинот во компаниите кои се лоцирани во Охрид и во Струга.

Новиот број на „Лице в лице“ донесува содржини за важноста на јазичната разноликост како богатство што зближува, а не разединува, за поезијата каконов модел на отпор. Мартиновски пишува дали ни е потребен нов Рацин, а редовната колумнистка, професорката Светлана Слапшак  става акцент на маичките како медиум за будење на граѓанската свест. Ја споделува приказната за инспирацијата која ја носат уличните весници, во светот кој се менува. Ги објавува и профилите на Кика и на Горде, две пријателки кои седел од тимот продавачи на магазинот, тука е и текстот за документарните филмови кои градат критичка свест, како и напис за ведска математика, вештина со која ќе ги заборавите калкулаторите. Во новиот број се и текстови за практиката на донирање, инфографик за ациите против гладот кај нас, сведоштво од скопскиот земјотрес од 1963, прераскажано од активниот волонтер на Црвениот крст Славе, фоторепортажа од Кенија, која ја претставува оваа делечна земја како место на солидарни и на весели луѓе. Во рубриката „Артактив“ ќе најдете напис за креативниот бунт кој го носи ИНКА, и за ангажираните филмови на претстојното издание на „Браќа Манаки“.

Се објавува и текст за генетски модификуваната храна, за природата и можностите на Осогово, како и редовен напис од пријателите „На точак“.

Швајцарскиот амбасадор Стефано Лаѕарото пак, во својот блог пишува за доживувањата со неговиот олдтајмер „ајкула“. Ексклузивно и интервјуа со две светски познати имиња –  со најбрзиот човек на планетата, Јусејн Болт, и со драмската писателка и активистка Ив Енслер. Ексклузивно во овој број, во А4 формат и четири „стенсил“ дела на двајцата ирански улични уметници, Ајси и Сот, кои преку својата уметност ја поттикнуваат промената и ја подигнуваат свеста на улиците на повеќе градови во Иран, Турција, Франција, САД.

Специјално за новиот број, актерката Верица Недеска – Трајкова и режисерот Иво Трајков, се фотографираа и се вклучија во акцијата „И јас читам `Лице в лице`“.

„Лице в лице“ е активистичко улично списание кое излегува еднаш на два месеци, а во Македонија го печати Центарот за медиумски активности од Скопје. Магазинот го промовира моделот на социјално претприемништво во земјава, работно ангажирајќи социјално ранливи категории на граѓани, а половина од продажната цена оди директно за продавачот.

Подготовката на овој број е помогната од Фондацијата отворено општество Македонија и од Македонски Телеком.

You May Also Like