Денеска (среда, 24 април 2013), пред просториите на Занаетчиската комора Скопје, во Старата скопска чаршија, беше отворена традиционалната манифестација „Денови на занаетчиство 2013 година“.
Поздравен говор одржа Никола Петров, претседател на Знаетчиската комора Скопје, директорот на Турскиот културен центар „Јунус Емре“, Тајфун Калкан говореше за соработката со Занаетчиската комора Скопје, а Пролетниот базар за отворен го прогласи, раководителот на Секторот за локален економски развој на Град Скопје, Слободан Ќосев.
– Овде сме да го истакнеме значењето на занаетчиството кое се развивало, во зависност од времето, од моменталните потреби, влијанието на технологии и стилови од времето, и нивното опстојување се потврда за нашето постоење и истите ги доближуваат старите вредности кои се извор на оригиналноста на нашата култура. Грнчарството, резбарството, кујунџиството, самарџиството, наланарството се веќе реткост во Македонија и покрај фактот што со децении во минатото и во историјата биле едно од основните одбележја на нашата култура и традиција. Занаетчиството заземало значајно место во стопанскиот живот на Скопје и вршело силно влијание врз изгледот на Старата скопска чаршија. Факт е дека малите и средни претпријатија и занаетчиството се движечка сила на секоја пазарна економија, бидејќи генерираат вработеност и економски раст. Занаетчиството е гранка која нуди перспектива за вработување на младите невработени лица и преку проекти поддржани за почнување мали бизниси. Одржувањето на Денови на занаетчиството во чии рамки е и настанот Пролетен базар на домашни ракотворби, на којшто и оваа година, ќе бидат практично презентирани сите занаети од најстари до најсовремени, како и нивното значење за квалитетот на живеење на граѓаните и што би претставувало човештвото без занаетчиството, истакна Ќосев.
Во рамки на Денови на занаетчиството ќе се презентираат и Средните стручни училишта од Скопје кои ќе ги претстават струките кои образуваат ученици и нивна практична презентација, како и кое и колкаво е значењето на овие кадри за занаетчиството и стопанството, а се со цел, подигнување на имиџот на Средното стручно образование и потикнување на младите да се запишуваат во средните стручни училишта и да ги изучуваат заетчиските занимања кои нудат перспектива и вработување.
Пролетниот базар ќе трае до сабота 26.04.2013 година, а сите заинтересирани ќе можат да ги посетат дрвените куќарки поставени пред Домот на занаетчии во Старата скопска чаршија.