Град Скопје во соработка со Ракометниот клуб „Работнички“, кој што годинава прославува 65 години од своето постоење и Ракометната федерација на Македонија, од утре (петок 23.08.2013 година) па се’ до недела (25.08.2013 година), организира прв турнир во ракомет на песок во Македонија во машка конкуренција.
Ракометниот клуб „Работнички“ по повод 65 годишниот јубилеј организира низа спортски манифестации. Сите овие манифестации се под покровителство на Град Скопје и се дел од годишната програма за спорт на градот.
– Би сакал да го честитам 65 годишното постоење на овој наш реномиран ракометен клуб, а на целото раководство како и на членовите на клубот да им пожелам да работат и да остваруваат позитивни резултати уште многу години. Град Скопје финансиски ги поддржува сите спортови, но покрај ваквата поддршка нашата институција се обидува да изгради што е можно повеќе спортски објекти и локации каде што спортовите ќе можат да се практикуваат, со што ние ја исполнуваме нашата цел, а тоа е омасовување на спортските настани со публика, но и со активни и рекреативни млади спортисти. Би сакал да им се заблагодарам и на РК „Работнички“ и на Ракометната федерација на РМ за организацијата на овој прв машки турнир во ракомет на песок што ќе се одржи на новото мултифункционално игралиште на песок на Градската плажа „Парк“. Ги повикувам сите граѓани на Скопје да ја поддржат нашата заложба да воведеме еден нов спорт во спортската мапа на градот, но и како публика да бидат дел од овој настан што ќе се одржи викендов – рече градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.
Прв настан што ќе се случува по повод одбележувањето на повеќе од половина век постоење на еден ваков клуб е Машкиот турнир во ракомет на плажа што ќе се одржи од 23-25.08.2013 година. Натпреварите ќе се играат на ракометнот игралиште на песок на Градската плажа „Парк“ во термините од 18 часот до 23:30 часот.
– Овој турнир е како еден вид промовирање нови спортови во Македонија, но спортови кои се веќе популарни во светот како што се одбојка на песок, ракомет на песок, фудбал на песок. Овој викенд на Градската плажа „Парк“ ќе се одржува првиот ваков турнир којшто се надеваме дека ќе прерасне во традиционален и реномиран. Во рамки на турнирот ќе се натпреваруваат 6 младински екипи и тоа според Бергеровиот систем, секој со секого, а финалистите за првите три награди ќе се борат во недела на 25-ти кога ќе бидат познати победниците – истакна генералниот секретар на РК „Работнички“, Александар Милошевски.
Претседателот на РК „Работнички“ потенцираше дека вториот настан за прослава на јубилејот ќе биде женскиот турнир во ракомет на плажа што ќе се одржува веќе следниот викенд и тоа од 30.08.2013 година до 01.09.2013 година, а по повод 8 Септември, во организација на клубот ќе се одржи уште еден голем спортски настан како што е Големиот сениорски ракометен турнир кој што ќе има Меѓународен карактер. Веќе се пријавени три домашни супер лигашки екипи, додаде почесниот претседател на РК „Работнички“, Гино Стрезовски, којшто рече дека Турнирот ќе биде на високо ниво и во моментов се смислува име, а се потсети и на легендарните Славко Матевски и Никола Таневски, кои што се првите студенти спортисти, што го донеле ракометот во Македонија и кои придонеле за неговата еволуција, од голем, мал, па сега и овој на песок.
Најавена е и поддршка од претставници од Ракометната федерација, меѓу кои и од Стевче Алушевски кој што технички ги помага турнирите.
– Чест ми е што можев да помогнам во практицирањето на ракометот на песок од младинците, но и да му помогнам на Клубот „Работнички“, што за мене претставува расадник за млади таленти, но и првиот Клуб кој ги направи пионерските чекори во ракомет во нашата земја, далечната 1948 година, а еве сега ги прави првите чекори и во ракомет на песок, спорт кој се надевам ќе ја достигне популарноста што ја ужива денес големиот ракомет – изјави Алушевски.
Како промотори на овој турнир и на овој, во светот, се попопуларен спорт се јавуваат повеќе македонски ракометни легенди, а покровител на турнирот е градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.