Одржана еднодневната манифестација „Звуците на чаршијата“

Вчера, во срцето на Старата скопска чаршија, на плоштадот Скендербег, по осми пат свечено беше отворена еднодневната културна Манифестација „Звуците на чаршијата 2013“, што заврши вечерта (12 септември) во 24 часот со традиционалната албанска софра со музика од Еди Фура Оркестар и Синан Власалиу во Куршумли ан.

На отворањето на Манифестацијата, што е под покровителство на Град Скопје, Министерството за култура и на Општина Чаир, а во организација на Културно информативниот центар-Скопје, присуствуваа Тања Балаќ, раководител на Секторот за Јавни дејности при Град Скопје, градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити и директорката на КИЦ, Сермине Пурини.

Манифестацијата Звуците на чаршијата почна во 13 часот кај Капијата на Старата чаршија со настапот на „Прима данца“, на платото пред џамијата, членовите од АНПИ „Емин Дураку“ настапија со flash mob-модерен танц со топки, а по должината на сокакот којшто води до плоштадот Скендербег, ликовни уметници беа дел од еднодневната колонија, што се одржува во рамки на Манифестацијата. На плоштадот Скендербег, симфониски оркестар и хорот „Про арс“, ја изведоа деветата бетовенова симфонија „Ода на радоста“. Веднаш по нив настапија бендот „Златна труба-Левис“ и дуото „Артан и Оли“, а од 17-19 часот, се одржи и чаршиската книжарница на отворено, а беше проектиран и документарен филм за Старата чаршија.

„Звуците на чаршијата“ е мултикултурна и мултимедијална манифестација којашто има за цел да потсети на заборавената традиција, да оживее некои недоволно посетени простори на Скопје и да придонесе кон еманципација на културно неизградените средини, но и да даде придонес кон континуираните активности на Градот Скопје за ревитализација на Старата скопска чаршија.

Градот Скопје од својот буџет за реализација на оваа Манифестација издвои 700.000 денари.

You May Also Like