Во пресрет на националниот празник Илинден вчера (вторник, 30 јули) во Крушево за првпат се одржа „Конзулска вечер“ на која присуствуваа голем број од почесните конзули во Македонија.
Во хотелот „Монтана“, а потоа во крушевската чаршија почесните конзули на 10-тина земји (Белгија, Јапонија, Хрватска, Словенија, Русија, Унгарија, Романија и други…) се запознаа со крушевската традиција, туристички капацитети и можностите за развој на градот. Локалната самоуправа со Историскиот музеј е организатор на манифестацијата.
За градоначалникот на Крушево, Ѓорѓи Дамчески тоа е уште една можност градот да се претстави пошироко со сите можности што ги нуди.
Според Зоран Богески, директор на Историски музеј Крушево, Конзулската вечер е дел од манифестацијата „Крушево етно град“.
– Првпат организираме Конзулска вечер и „Крушево етно град“ ја исполни целта. Крушево успеа да ги воспостави комуникациите со конзулите во својот развој и да ги ревитализира историските линкови и да ги воспостави соработките преку кои ќе се претставуваат вредностите и традициите на Крушево, рече Богески.
За почесните конзули впечатоците се убави и поттикнувачки.
– Сакам да пренесам во Јапонија за природата и за луѓето. Убаво е. Ви го честитам големиот национален празник, вели Казу Лешниковска, почесен конзул на Јапонија во Република Македонија.
Гостите-конзули во Крушево ги посетија гробот на Тоше Проески на Гумење, крушевската чаршија каде на плоштадот „Никола Мартиноски“ присуствуваа на театарска претстава, дел од културната понуда на манифестацијата „Крушево етно град“.