Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска попладнето ја посети општина Градско каде заедно со градоначалничката Жанета Чаушевска го посети Домот на културата „Крсте Петков Мисирков“ и манастирскиот комплекс „Свети Архангел Михаил“ …
По посетата Канческа – Милевска најави итна реставрација на црквата и иконите стари околу 200 години.
– Воодушевена сум од архитектурата на самата црква. Забележав дека голем дел од иконите не се конзервирани и затоа во координација со надлежните институции ќе побарам веднаш да се конзервираат, изјави Канческа – Милевска.
Таа информира дека во 2009 година имало интервенција на црквата, а е изработен и проект за архитектура.
– Ќе имам средба и со директорот на Управата и со директорот на Националниот конзерваторски центар овој проект за архитектура да се реализира веќе следната година се со цел да се врати автентичниот сјај на црквата, за што како министерство ќе обезбедиме средства, нагласи Канческа-Милевска.
Градоначалничката Чаушевска информира дека патот до црквата и манастирот бил тампониран пред некоја година и оти општината веќе има доставено проект до Светска банка. По одобрувањето на средствата се очекува патот да се асфалтира напролет идната година.
– Ова е прекрасен комплекс кој најпосетен е за празникот Голема Богордица, а помалку за празникот Свети Архангел Михаил. Планираме да го направиме туристички привлечен и да биде посетен од бројни туристи, изјави Чаушевска.
Црквата е изградена во 1861 година и е дело на Андреја Дамјанов. Во 1981 година е прогласена за споменик на културата.