ИЗИИС – Прв институт на УНЕСКО од Македонија

Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје е прогласен за институт на УНЕСКО.

Овој успех за институцијата и за целата земја следува по донесената одлука за приклучување од страна на Извршниот одбор на УНЕСКО. Новото име во иднина ќе биде Меѓународен институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, ИЗИИС Универзитет „Св. Кирил и Методиј“. Покрај сопственото и логото на скопскиот универзитет, оваа научно – образовна установа во наредниот период ќе може да го користи и логото на УНЕСКО во своето претставување.

Од исклучителна важност е и податокот дека ИЗИИС е прв и единствен институт во рамките на УНЕСКО кој ќе дејствува во областа на земјотресното инженерство, сеизмологијата и намалување на ризиците од катастрофалните земјотреси.

ИЗИИС е основан во 1965 година со примарна цел да помогне во реконструкцијата, ревитализацијата и развојот на Скопје по катастрофалниот земјотрес од 1963 година.

You May Also Like