Бриселски разговори за културата

Вчера и денеска (16 и 17 Ноември) во Брисел се одржува голема конференција посветена на иднината на Европскиот проект и улогата на граѓанството во неговата реализација. Македонски претставник на истата е Роберт Алаѓозовски.

Манифестацијата ја организираат неколку најмоќни европски организации и мрежи обединети во Културна коалиција за граѓанска Европа. Конференцијата, инспирирана од Европската година на граѓанството 2013, сака да го покрене процесот на преиспитување од-долу-нагоре, од конкретните граѓански асоцијации и иницијативи, на правото на култура и пристапот до културата на европските граѓани, како културата ја промислува постојната криза во Европа и „губењето на правецот“ во европскиот процес и во некои сфери како финансиите, заедничката валута, економската криза, социјалните немири, идентитетските прашања.

Оваа коалиција составена од мрежите на Европските домови на култура, на наставниците по културен менаџмент, Европската асоцијација на фестивали, Асоцијацијата Марсел Хиктер и др., смета дека понатамошниот развој на граѓанството е клучно за Европа и дека културата е клучен фактор во поттикнувањето на граѓанскиот ангажман. Преку неколку панел сесии, учесниците ќе испратат порака дека културата не е само додадена вредност на граѓанството и управувањето на земјите, туку дека ја има моќта да ги анализира и преиспитува постојните модели на управување, со што ка зајакнува демократијата и човековите права.

Културниот бекграунд на европските граѓани треба да го олесни преминот од национално на европско ниво во однос на сите комплексни прашања од современото живеење и треба да создаде нова рамнотежа на силите меѓу граѓаните.

На конференцијата ќе присуствуваат преку 120 учесници од цела Европа, претставници на граѓанското општество, новинари, создавачи на културни политики, а воведни излагања ќе имаат врвните имиња од светот на културата како Пол Шефер, Жак де Декер, Рејмон Вебер.

Роберт Алаѓозовски на конференцијата учествува како претседател на Европската Оракл мрежа на менаџери во културата, со седиште во Брисел.
Во склоп на оваа моќна манифестација на 10 Ноември се одржа Берлинската конференција на иницијативата „Душата за Европа“ а на 30 Ноември ќе се одржи последниот дел, Амстердамските разговори во организација на Фондацијата Феликс Меритис.

You May Also Like