Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска (четврток, 22 август) во Спомен домот на браќата Миладиновци во Струга оствари средба со Ласло Шимон, претседател на Комитетот за култура на Парламентот на Унгарија.
На средбата беа потврдени добрите релации кои во областа на културата ги негуваат двете земји, а стана збор и за потпишување на Програма за културна соработка помеѓу Република Македонија и Унгарија со која во наредниот период треба да се интензивира соработката и размената на проекти и уметници меѓу институциите.
Министерката за култура својот унгарски колега, кој е гостин на 52-то издание на „Струшките вечери на поезијата“, меѓу другото, го информираше и за активностите и инвестициите на Владата на РМ и Министерството за култура во областа на културата. Претседателот на Комитетот за култура на Парламентот во Унгарија, од своја страна, пак изрази задоволство што во проектот на Владата на РМ, „Ѕвезди на светската книжевност“ се застапени дела и неколку познати унгарски автори меѓу кои и на еден од најголемите унгарски поети Шандор Петефи.
Заблагодарувајќи се за средбата, Шимон упати покана до министерката за култура во октомври годинава во Унгарија да биде гостин на меѓународната конференција која ќе биде посветена на размената на искуства во областа на државното финансирање на културата.
По средбата, Канческа-Милевска и Шимон присуствуваа и на откривање на биста на унгарскиот поет Шандор Петефи, која е донација од Министерството за култура на Унгарија.
Република Македонија и Унгарија негуваат традиционално добри односи во културата. Во изминатиот период со поддршка на Министерството за култура беше забележано учеството на ансамбли и поединци од Македонија на значајни фестивали во Унгарија меѓу кои се: настапот на Градскиот мешан хор Гортинија од Гевгелија, настапот на ансамблот на народни инструменти „Стефче Стојковски“ во рамките на манифестацијата „Печуј град на културата за 2010 година“, НУБ Свети Климент Охридски се претстави со изложбата „Современо македонско творештво“, како и самостојната изложба на на уметникот Сергеј Андреевски и др.
Исто така и унгарските уметници учествуваа на повеќе манифестации во Република Македонија, а од особено значење е учеството на унгарските поети на поетскиот фестивал Струшки вечери на поезијата.