Започнуваме серијал на интервјуа со д-р Пеце Ристевски, експерт за климатологија и применета метеорологија, во кои ќе разговараме за бројни теми.
Во серијалот разговори зборуваме за метерологијата како наука, историјат на метеорологијата во Македонија и воопшто на овие простори, климатологијата, светските трендови и научни достигнувања, развојот на метеролошката наука, животната средина и многу други нешта.
Се надеваме дека со овој серијал ќе придонесеме за подобро осознавање на метерологијата како наука, климатологијата и севкупно многу нешта за климатските промени за кои многу се зборува, без конкретно да се посочат промените кои се случуваат, но и кои мерки се потребни и што и како понатаму.
Оваа прва епизода е своевиден историјат за самата метеролошка наука и што таа изучува.
—————————————————————-
д-р (Sc.D.) Пеце Ристевски e роден на 20 март 1950 Битола, (тогашна СР Македонија, СФРЈ). Основното образование го стекнува во родната Битола, од каде како републички стипендист продолжува во Средно хидрометеоролошко училиште, во Белград (1965/1969 год.).
Со звањето Дипломиран метеоролог, се стекнува на Природно математичкиот Факултет – Белград (1969/1974 год.), каде што е запишан и на магистерски студии до 1985 година, како експерт за Времето и климата на Југославија.
Со звањето Доктор по метеорологија (Sc.D.) се стекнува на Националниот институтот за метеорологија и хидрологија при Бугарската академија на науките, во Софија, Бугарија. Одбранетата Докторската дисертација е под наслов: „Климата и агроклиматски ресурси во Република Македонија“.
Својот работен век, цели 40 години, ги поминува во тогашниот Републички хидрометеоролошки завод (денес Управа за хидрометеоролошки работи) во која започнува како стручен соработник, преку шеф на метеоролошка мрежа, Началник на повеќе одделенија (климатологија и техничка метеорологија, Метеоролошко климатолошко), како самостоен стручен соработник за климатологија и медицинска метеорологија, па советник и државен советник.
Во научната и образовната сфера во неколку наврати е ангажиран како асистент на Институтот за физика, при Природно математичкиот факултет при УКИМ, за предметите Општа метеорологија, Климатологија, Применета метеорологија и Анализа и прогноза на времето.
Исто така, бил ангажиран како Професор по предметот Метеорологија и Воздухопловна метеорологија на Воената академија во Скопје, во учебната 2013/2014, 2016/2017 и 2017/2018 година.
Во својот професионален работен век бил дел од битни тела, како:
- Член е на Комисијата за климатологија (CCL) на Светската метеоролошка организација (WMO) 1997-2008
- Член е Друштвото за нови и обновливи видови на енергија на Република Македонија
- Член е МАКО-ЦИГРЕ (Македонскиот комитет за надземни водови)
Значајно е да се спомне дека од 1984 година ангажиран е во Движењето на младите природници и техничари, во организација на Народна техника на Република Македонија, при што учествува во организирање на натпреварите по метеорологија, секоја година на градско ниво (на територијата на Скопје и скопскиот регион) и државно ниво (во Република Македонија). Со тоа во континуитет повеќе од 35 години придонесува за анимирање и афирмирање на метеоролошката наука кај најмладите.
Автор и коавтор е на бројни научни трудови (преку 60 научни и стручни трудови, печатени во домашни или странски научни списанија, или пак презентирани на научни собири во земјата и странство), публикации, книги и учебници, од кои како најзначајни за споменување се: 1. Учебник по метеорологија со климатологија за средни шумарски училишта во 1993 година (прва објавена книга на македониски јазик по метеорологија и климатологија), 2.научен проект (книга) во издание на МАНУ во 1996 година, како коавтор со академик проф. д-р Филиповски Ѓорѓи. и проф. д-р Ризовски Радослав: со наслов: Климатски и почвено-вегетациски зони (реони) на Република Македонија, 3.Брошурка ,,Климатски систем, клима и климатски промени,, во издание на Црвениот крст на Република Македонија 2012 година.
Александар Ристевски