Февруари, месец на концерти

Scream music festival
Scream music festival

Промоција на серија концерти во продукција на План Б продукција и Јованов рекордс, се одржа денес, во Бизнис салата на Скопски саем.

Прес – конференција на која тимот на План Б продукција  ги претстави сите детали  пред новинарите за претстојните три спектакуларни концерти во нивна организација. Концертот на Влатко Илиевски, концертот на Архангел и Scream Music Festival е она што привлече внимание кај младите, па уште неколку недели пред главните случувања владее голем интерес за карти. Главни покровители на настаните се T – Home, T – Mobile и Киа Моторс.

Организаторите главен акцент ставија на концертот на нивниот ексклузивец Влатко Илиевски кој ќе се одржи на 14 февруари – на денот на вљубените, во Универзална сала. Целта на овој концерт е да се спојат убавата музика и љубовта во едно, бидејќи како што многумина велат “убавата музика е лек за душата.”

Она што Влатко го откри за читателите на cOoLTuRa.mk  е дека на сцената во Универзална сала со него ќе настапат и Миле Кузмановски и Трифун Костовски со кои ќе отпее неколку стари македонски хитови, како и Антонија Шола и Александар Белов.

Влатко Илиевски на денешниот прес
Влатко Илиевски на денешниот прес

–   На сцената ќе ме придружуваат голем бенд и гудачки квартет со кој на присутните ќе им понудиме концерт во интимно – романтична љубовна атмосфера – изјави Влатко Илиевски.

Два дена пред тоа , на 12 февруари ќе се одржи и концертот на Архангел каде после 7 години ќе го видиме целиот состав повторни пред Македонската публика. Главни гости ќе бидат битолскиот состав Фолтин со шеесет минутен настап.

Оваа концертна програма на План Б продукција и Јованов Рекордс ќе ја затвори Scream Music Festival кој за прв пат ќе се одржи во Македонија и има тенденција да прерасне во традиција. На 18 февруари Метрополис Арена ќе биде место за сите обожаватели на најдобрите балкански рок состави  Дивље Јагоде, Ван Гог, Прљаво Казалиште  , Негатив и Bei The Fish.

Картите се веќе пуштени во продажба по цена од:

–    400 денари за концертот на Влатко Илиевски

–    500 и 600 денари за концертот на Архангел

–    600 и 800 денари за Scream Music Festival

а може да се набават во Југотон, Литиум 1, Литиум 2, цвеќара Розе Веро 2.

Х. Панева

You May Also Like