Во Музејот на градот Скопје, вечерва (8 март 2011 година) ќе биде отворена изложбата „Евреите во Македонија“ што ќе биде дел од Манифестација во знак на сеќавање на сограѓаните Евреи од Скопје, жртви на Холокаустот.
Изложбата е поставена на 52 паноа, преку историски факти, факсимили, документи и фотографии е раскажана историјата на Евреите во Македонија од 2000 година п.н.е. до 1948 година, кога е формирана државата Израел.
Во 4 витрини преку неколку музејски експонати со етнолошка содржина се раскажува секојдневниот живот на Евреите во Скопје, од крајот на 19 и почетокот на 20 век. Во изложбениот простор е поставена урна од скопските Евреи коишто биле убиени во логорот на смртта Треблинка. Изложбата ќе биде поставена од 8 до 20 март 2011 година. За време на изложбата во Музејот ќе биде поставена книга на жалоста.
Под покровителство на Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, во Музејот на град Скопје, од 8 до 10 март 2011 година, ќе се одржат повеќе настани во знак на сеќавање на 7.148 убиени Евреи од Македонија, коишто во март 1943 година, од Монополот во Скопје биле транспортирани во логорот на смртта Треблинка.
На 8 март (вторник) 2011 година, во 19:00 часот, во Музејот на град Скопје, ќе се одржи Комеморијален собир во знак на сеќавање на сограѓаните Евреи од Скопје, жртви на Холокаустот. На Комеморацијата свое обраќање ќе имаат Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, претставник на ФХЕМ и ЕЗРМ во Скопје и други претставници.
По Комеморацијата, посетителите ќе можат да ја видат историската изложба “Евреите во Македонија“.
На 9 март (среда) 2011година, во 15:00 часот, пред Музеј на град Скопје ќе бидат пречекани урните од Битола и од Штип и ќе бидат изложени во Музејот на град Скопје, заедно со скопската урна.
На 10 март (четврток) 2011година, од 09:30 до 10:00 часот, урните од Музејот на град Скопје ќе бидат пренесени во Меморијалниот центар. Пренесувањето на урните ќе биде извршено со гардиска поворка од Музеј на град Скопје до Меморијалниот центар. Поворката ќе се движи пеш од Музејот на град Скопје, по Улицата Македонија, Плоштадот Македонија, Каменот Мост до Меморијалниот Центар. Урните во Музејот на Холокаустот ќе ги предадат Градоначалниците на Скопје, Битола и на Штип на член на Еврејската заедница во Република Македонија.
Изложбата ќе трае до 20 март 2011 година.