Уметникот Страхил Петровски со изложба во Њујорк

Македонскиот уметник Страхил Петровски на 5 јануари 2020 година, гостува во Gallery MC во Њујорк, САД, каде што ќе се претстави со својот мултидисциплинарен проект „ACTION / REACTION / WOR(L)D“…

За истиот, кураторката Маја Чанкуловска – Михајловска го вели следното:

  • Мултидисциплинарниот проект “ACTION / REACTION / WOR(L)D” на македонскиот уметник Страхил Петровски иницира дијалог кој се однесува на есенцијата на личната егзистенција, притоа позиционирајќи го авторот како ангажиран критичар на реалноста на современото општество. Проектот е замислен во насока на постигнување синергија на експериментите во различни медиуми, дискурси, наративи и контексти кои функционираат како одделни дела со сопствена интимна „приказна“, но и заедно во вид на циклус кој нуди сублимирана слика за односот на авторот кон постоечкото дехуманизирано општество. Низ комплексни слоеви од универзални значења, тенденции присутни уште од неговите претходни визуелни остварувања, претставен е личниот став за импактот на колективната, и особено лична, одговорност (изгубена во лавиринтите на обременетата динамична и конфузна технолошка денешнина на информацискиот хаос). Потрагата по себството кое нема да биде невидливо, туку јасно ќе ги изразува своите ставови, потреби, стравови…, е обележана со присуството на кодовите од универзалната урбана конзумеристичка свест. Во случајов „разговорот“ со себе си, со Другиот, Другите помеѓу себе, е аплициран како стриповска (субкултурна) форма, а содржините (зборовите-најчесто ангажирани и критички – angry, lost, idiot, scared, mad…) кои се испечатени на ready – made светлечки објекти (speech bubbles), купени од продавница, а со(на) кои се „дискутира“ се однесуваат на лични и идентитетски прашања поврзани со различна родова припадност. Соочувањето со себе си и релациите со Другиот во физичка и духовна смисла се особено значајни за авторот. Од друга страна, пак, овој критички ангажиран однос го пренесува и врз платната(знамиња) со различни наслоени лични и универзални содржини и пораки испишани/насликани како графити, пароли, текстуални инскрипции, калиграфски знаци, букви… Концептуалното заокружување на ваквата интроспекција/рефлексија на немиот/невидлив/анонимен субјект се случува и преку црно бели фотографии, но и преку наизменично сменување на “звучните” и “занемени” метафизички траги на присутноста во нарацијата на ниво на репетитивна ритуална спиритуалност, како ехо во текстуалниот и аудио запис (“Anonymous”) и фрустрирачката потрага која ја комплетира во видеата насловени “Muted” и “Personal Madness”. Како круцијални моменти во творештвото на Страхил Петровски ги констатираме желбата за преиспитување на основните цивилизациски вредности и креативни принципи на нашето постоење (онтолошкото во нас како битија), создавањето, слободата итн, наспроти (само)уништувањето; и потребата за канализирање на субјективните реакции предизвикани од негативните рефлексии од турбулентните децениски кризи, изместени вредности, безкрупулозност, време на континуиран страв и деструкција од секаков тип, и уништувачки хаос кој речиси секогаш е неповратен. Петровски, преку неговиот ангажиран и воедно контемплиран хуманистички пристап кон урбаната антропологија, не претендира на визуелни претстави кои би понудиле толкувања или решенија на проблемите, туку верува дека истите ќе генерираат уште повеќе прашања во однос на проблемите на личната свест и совест во денешнината.

Страхил Петровски e роден во 1974 година во Куманово. Петровски е претставник на средната генерација визуелни и мултимедијални уметници. Тој дипломира сликарство во 1997 година на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” – Скопје, Факултет за ликовни уметности, во класата на ред. проф. Родољуб Анастасов, по што во 2000 година завршува постдипломски студии на истиот факултет кај истиот ментор. Од 2000 до 2002 година работи како надворешен соработник демонстратор по предметот Сликарска технологија и сликарски техники, кај проф. Момчило Петровски и проф. Вело Ташовски, на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, а од 2002 до 2010 година хонорарно е ангажиран во НУ Национален конзерваторски центар – Скопје како надворешен соработник конзерватор во лабораторијата за конзервација и реставрација на икони.

Учествува и во реализацијата на првиот научноистражувачки проект „Брестал”, под менторство на проф. Момчило Петровски, на Факултетот за ликовни уметности – Скопје. Неговата уметничка практика опфаќа повеќе форми и медиуми на изразување, како што се: сликарство, инсталација, концептуална уметност, фотографија и видеоуметност. Петровски, особено во последните години, користи теми поврзани со егзистенцијализмот и социополитички прашања како постконцептуален дискурс, но и длабоко естетски решенија како формалистички интерес. Голем број негови дела се наоѓаат во јавни и во приватни колекции, вклучувајќи музеи и галерии во земјава и во странство.

Член е на ДЛУМ од 1997 година, на ИКОМОС од 2001 до 2007 година и на ИКОМ од 2011 до денес. Работи како советник конзерватор реставратор во НУ Национален конзерваторски центар – Скопје и како доцент по предметите фотографија и мултимедија на Факултетот за арт и дизајн при Европски Универзитет, Скопје.

You May Also Like