Прилепскиот „Завод и музеј“ годинава интензивно работеше на првата реевиденција на иконите, фрескоживописот и архитектурата на црквите и манастирите во прилепскиот крај.
Направена реевиденција на ова богатство во црквите и манастирите во 46 села во прилепско и се реевидентирани вкупно 611 икони.
Според Мимоза Христоска, кустос-советник во Музејот и раководител на проектот, самото културното богатство е огромно, и истото потекнува од 16 и17 век, но воглавно се од 19 век, со еден доминантен прилепски зограф.
– Годинава работевме на реевиденција на богатото културно наследство во 46 прилепски села. Во селата се вкупно евидентирани 611 икони. Во градот Прилеп бројот на иконите е многу поголем. Со тоа ќе се занимаваме в година. Црквите потекнуваат од 16,17 а најголемиот број се од 19-иот век. Интересен е фактот што во овој регион, главно, слика последниот зограф, прилепчанецот Јован Атанасов. Затоа прилепскиот музеј има намера да ги собере сите икони и да се направи една публикација на сликарскиот опус на овој зограф, вели Христоска.
За жал голем број од нив се во исклучително лоша состојба.
– Дел од евидентираните, мора да речеме, не се во добра состојба. Барем 100-ина икони. Затоа е итно потребна евиденција на тие икони за кои е неопходна реставрација и конзервација. Во лоша состојба е и фрескоживописот во тие цркви поради, главно, протекувањето од покривите на црквите, а самите луѓе имаат мала можност да направат некои интервенции. Затоа Прилепскиот музеј стои на располагање. Стручните лица стојат на располагање за совети, да се направи дренажа на црквите за да се заштити културното богатство, појасни Христоска.
Од друга страна пат, нема кражби на икони барем последните 10 години. Се крадат само пари.
– Последните 10 до 12 години нема кражби на икони на овие територии, бидејќи самите црковни одбори кои се грижет за црквите си имаат поставено алармни системи, ја анализира состојбата Христоска.
Во 2019 година ќе има проект за конзервација на фрескоживописот и на иконите. Реевиденцијата ќе се насочи главно во Прилеп, каде е големо богатството.
– Во меѓувреме се работи на конзервација. Во тек е конзервацијата на фрескоживописот во манастирската црква во Зрзе и во манастирската црква „Свети Никола“ во Мариово. Проектот за реевиденција продолжува и в година. Во 2019 година останува реевиденцијата на иконите и фрескоживописот во црквите кои се во самиот град Прилеп. Богатството е огромно. Само за пример, најстарата прилепска црква „Свето Благовештение“ располага со преку 150 икони. Според тоа може да се констатира дека е голем о културното богатство во останатите 7 прилепски цркви, вели Христоска.
Овој обемен процес на реевиденција на иконите и фрескоживописот трае веќе полни четири години.
За две години направена е реевиденцијата на иконите, фрескоживописот и архитектурата во Долненско, Мариовско, во Крушевско и во Кривогаштанско, каде што се работело во црквите и манастирите во 82 населени места.