Кога францускиот мислител од светски формат Едгар Морен (Edgar Morin, 1921, Париз; роден во семејство на сефардски Евреи по потекло од Солун, како Едгар Нахум / Edgar Nahoum) во прославената книга есеи „Духот на времето“ („L’esprit du temps. Essai sur la culture de masse“, 1962, Paris, Grasset-Fasquelle) тврдеше дека некогаш „споредните“ жанрови и стилови со текот на времето стануваат главни координати во книжевноста, филмот и другите уметности, несомнено бил проклето во право.
Мартовската програма на Кинотека на Македонија ви овозможува само едно делче од тој процес во светската кинематографија, низ неколку наслови од германскиот/европскиот експресионизам од дваесеттите години од минатиот век. КАБИНЕТОТ НА Д-Р КАЛИГАРИ (Das Cabinet des Dr. Caligari / The Cabinet of Dr. Caligari) на Роберт Вине (Robert Wiene) е еден таков пример. Тој филм, заедно со СИНИОТ АНГЕЛ (Der blaue Engel / The Blue Angel, 1930) на Јозеф фон Штернберг (Josef von Sternberg) и МЕТРОПОЛИС (Metropolis, 1927) на Фриц Ланг (Fritz Lang), за филмскиот критичар и теоретичар Зигфрид Кракауер (Siegfried Kracauer) се основите на тезата дека филмот како популарна уметност битно влијае на колективното несвесно во една општествена заедница.
Но, на другата страна од „чистата“ идеологија, истата Мореновска постапка можеме да ја видиме и во конципирањето на хорор жанрот, од ГОЛЕМ (Der Golem) на Карл Безе и Паул Вегенер (Paul Wegener, Carl Boese) и РАЦЕТЕ НА ОРЛАК (Orlacs Hände / The Hands of Orlac), повторно на Вине, па сè до Џон Карпентер (John Howard Carpenter), Џорџ Ромеро (George Andrew Romero) и останатите мајстори на занаетот што продуцира страв и напнатост.
Има ли, можеби, таков потенцијал кај денешните млади и не толку млади филмски автори?
Сигурно дека има. Едно од тие имиња е Агњешка Холанд (Agnieszka Holland, 1948, Варшава, Полска), само формално полска режисерка. Студирала на познатата прашка академија ФАМУ (во периодот кога таму студенти, нејзини колеги, биле југословенските режисери Рајко Грлиќ, Срѓан Карановиќ, Горан Марковиќ, Лордан Зафрановиќ и Горан Паскаљевиќ); професионалната кариера ја започнала како асистентка на Кшиштоф Зануси и Анджеј Вајда; по првичните успеси во татковината Холанд пред воведувањето на воената состојба во Полска 1981 година, емигрира во Франција; како ретко кој автор успева да се пробие и во Холивуд, како режисер на високопрофилирани ТВ серии (The Wire и House of Cards, меѓу останатите).
Претходно повторно се врати на европското тло со нејзиниот амблематски филм ЕВРОПА ЕВРОПА (Europa Europa, 1991), филм за холокаустот на Евреите за време на Втората светска војна (Холанд е Еврејка по татко). Таа тема ќе ја евоцира уште неколку пати, а најпластично во ВО ТЕМНИНАТА (In Darkness, 2011). Кинематограферката на овој наградуван филм, Јоланта Дилевска (Jolanta Dylewska) доби „Златна камера 300“ на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола за овој филм: таа е стара познајничка на фестивалот, уште три пати беше натпреварувачка, доби награди за ТУЛПАН (Tulpan, 2008) и АЈКА (Ajka, 2019), беше номинирана за ТРАГИ ОД ДИВЕЧ (Pokot, 2017)… Иако изгледа дека „приказнава“ за Холанд отиде во друга насока, не е така: токму Холанд со нејзината најширока можна лепеза на соработка со креативци од разни национални кинематографии во нејзините филмови успева да прави – колку и да звучи тоа патетично – вистински европски проекти. ШАРЛАТАН е последниот во низата примери на авторката која упорно одбива да се пензионира.
Во март ќе се потсетиме на двајца актери кои починаа изминатиов период: Мира Фурлан и Љупчо Тодоровски- Упа. Фурлан беше икона на ексјугословенската кинематографија во 1980-тите и 1990-тите години. Подоцна, под налетот на националистичките елити во Србија и Хрватска, со сопругот Горан Гајиќ мораа да емигрираат во САД, каде што Мира направи солидна актерска кариера за некој кој на таа возраст се обидел да го стори тоа во Холивуд. А Упа, тој наш драг Упа, секогаш енергичен и полн со креација, е и пионер (заедно со Симон Мони Дамевски) во практикувањето на „полнокрвен“ кастинг-директор во домашната кинематографија: по кариерата во југословенските продукции, Упа по 1990-тите остави трага во современата македонска кинематографија: ОДМАЗДА (2000), ЏГАН (2016), РУГАЊЕ СО ХРИСТОС (2019)… се меѓу насловите кои го одбележаа како актер.
Има во мартовската програма на Кинотека на Македонија уште многу вредности. Меѓу другото, ќе имате можност да видите неколку долгометражни и кратки документарни, играни и анимирани наслови од поновата продукција, како и наслови од поновата европска продукција.