На 24 ноември (сабота) во 10:30 часот, во ОНБ „Браќа Миладиновци“ во Радовиш ќе се одржи промоција на книгата „Новогодишни детски песни“ од Марина Мијаковска. Промотор на книгата е д-р Христо Петрески. Промоцијата е во рамки на 45-те Караманови поетски средби во Радовиш.
„Новогодишни детски песни“ е прватa книга на Мијаковска наменета за најмладата популација. Во неа има четириесет песни за деца од различни возрасти кои ги воспеваат: новогодишниот амбиент во Македонија; празнувањата и обичаите за Нова година; новогодишната елка; снежниот зимски амбиент, итн. Книгата е повеќенаменска, интерактивна и ја развива креативноста кај децата. Мијаковска им нуди можност на децата да ги читаат песните, да ги обојат новогодишни илустрации и низ игра самите да напишат песна од најголемите новогодишни желби.
Христо Петрески за „Новогодишни детски песни“ заклучува дека: „Книгата е едукативно-дидактичка (поучна и практична) и претставува еден мал водич, прирачник, поетска боенка, забавник.“
„Новогодишни детски песни“ (2017) е книга на писателката Марина Мијаковска. Тоа е прватa книга на Мијаковска наменета за најмладата популација, децата. Во „Новогодишни детски песни“ има четириесет песни за деца од различни возрасти.
Стихозбирката ги воспева: новогодишниот амбиент и веселите празнични бои во Македонија; празнувањата и обичаите за Нова година; Дедо Мраз; Снешко; новогодишната елка, снежниот зимски амбиент, итн.
Книгата е повеќенаменска, интерактивна, и ја развива креативноста кај децата. Мијаковска им нуди можност на децата да ги читаат песните, да ги обојат новогодишни илустрации и низ игра самите да напишат песна од најголемите новогодишни детски желби.
———————–
Марина Мијаковска (1984) е поетеса, прозаистка и литературна критичарка. Мијаковска дипломирала и магистрирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје на Катедрата за Општа и компаративна книжевност. Таа е доктор по филолошки науки. Во 2017 година докторирала на Катедрата за Општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје на тема: „Écriture féminine и романот:Прилог кон феминистичката теорија на жанрот“.Таа пишува поезија, проза, есеистика и литературна критика. Таа е водител на многу културни манифестации и е предавач на книжевни работилници. Во македонската и балканската периодика објавува книжевно-научни прилози. Дел од поетските творби и од расказите се објавени во антологии и во периодиката во превод на: англиски; српски; хрватски; албански; романски; чешки и кинески јазик. Марина Мијаковска има учествувано на многу книжевни манифестации: меѓународниот поетски фестивал „Струшките вечери на поезијата“ (2010) и (2012); „Поетските вечери во Корча“ (2012); интернационалниот поетски фестивал ,,Ditët e Naimit” – Албанија (2013); „Караманови поетски средби“ во (2013, 2014, 2015, 2017); „Рацинови книжевни средби“ (2014, 2016, 2017); „Gornjogradski književni festival“ во Загреб (2014); „Dani prijatelja knjige“ во Риека (2014); меѓународниот поетски фестивал „More na dlanu“ во Пула, Ровињ, Лабин и Пазин (2015); меѓународниот фестивал „U spomen na književnika Antu Zemljara“ (2015) година на Паг и на многу книжевни каравани низ Македонија организирани од страна на ДПМ.
Од 2013 година таа е членка на Друштво на писателите на Македонија. Таа се стекнала со многу книжевни награди во земјава и во странство: „Специјална награда за литературно творештво со високо уметничко ниво со ценети и трајни поетски вредности“ на Поетските вечери во Корча (2012); „Караманов“ (2013); „Македонска книжевна авангарда“ (2013); „Крсте Чачански“ (2014); „Бели мугри“ (2015). На меѓународниот поетски самит на „Кантфест“ во организација на книгоиздателство „Арте“ од Белград ја добила втората награда за песната „Тишина по рабовите на страниците“ од стихозбирката Постела на тишината. Марина Мијаковска работи во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Во 2017 година била предавач, модератор и координатор на книжевната работилница Есенски креативен мозаик. Таа е авторка на предговорот на истоимениот алманах.
БИБЛИОГРАФИЈА
Стихозбирки: Номадска душа (Антолог, 2010); Куфери (Матица Македонска, 2012); Психоаналитичка алхемија од страсти (Дом на културата „Ацо Караманов“, 2013); Тиркиз во лето (Бран, 2015); Новогодишни детски песни (М. Мијаковска, 2017).
Книга раскази: Куќички (Бран, 2014);
Есеистички и научни книги: Жанровски полимер: Сандаче од ракописи во обид (Дијалог, 2016); Модели на родовата идентификација (2018)
Аудио книги: Психоаналитичка алхемија од страсти (Локална библиотека „Гоце Делчев“ од Велес и Брајовата библиотека „Рајко Пајдаков“ од Велес, 2018) во рамки на проектот за аудио книги при Министерство за култура на Република Македонија.