Промоција на книга од Васил Тоциновски

Станува збор за компаративни анализи во кои главна тема се вечно актуелните дводомни писатели, а временски проследени се автори и дела, пројави и манифестации од седумнаесеттиот век до денес .

Вечер (петок, 19 октомври) во 19.00 часот во Домот на културата „Кочо Рацин“(Дом на градежните работници ) во Скопје, ќе биде промовирана книгата „Златоусно слово“ од проф.д-р Васил Тоциновски.

За книгата ќе говорат д-р Марина Мијаковска и м-р Александра Јуруковска.

Книгата „Златоусно слово“ од Тоциновски е добитник на престижната награда за критика „Книжевен круг“, признание што го доделува Битолскиот книжевен круг.
Во неа се поместени 19 книжевно-историски студии напишани во последниве три години и претставени на повеќе меѓународни собири и публикувани во списанија и зборници.
Повеќето од нив се однесуваат на македонско-хрватските јазични, книжевни и културни врски. Првите три студии се занимаваат со личноста и делото на Петар Канавелиќ најголемото поетско име на хрватскиот барок во 17 век. Интересно и мошне храбро авторот го интерпретира низ историски и книжевни димензии со македонските просветители од втората половина на 19 век, а тоа се: Јордан Хаџи Константинов-Џинот, Константин Миладинов, Константин и Андреја Д. Петкович, Григор Прличев и Рајко Жинзифов. Творечкиот идентитет како мера на зближување е тема и во вториот текст во кој се вградува и етичката норма како карактер на Канавелиќ и на Џинот. Во третата студија се коментираат делови од книжевното дело на Канавелиќ, кои се инкорпорирани како документарен материјал во неговото книжевно творештво.

Васил Тоциновски како научник ги признава и афирмира научните факти, има извонреден јазик и стил, јасно и убаво кажување, децидни толкувања и вреднувања, па книгата „Златоусно слово“ е вистинска книжевна наслада.

You May Also Like