Во четврток (15 декември) во просториите на Кинотеката на Македонија, ќе се одржи промоција и проекција на филмот „Пред и после“ (Before and After) на македонскиот уметник Киро Урдин, со почеток во 20 часот.
Филмот „Пред и после“ на Киро Урдин е со дејствие во околината на реката Мара на територија на Кенија и Танзанија. Едно малу гну и едно мало бафало се родени во непосредна близина. На крајот од животот тие умираат еден покрај друг.
Документарецот е со времетраење од 46 минути. Режијата и сценариото се на Киро Урдин. Наратор е Роберт Миано од САД. Музиката е на Венко и Васко Серафимови. Камера: Бранд Ферро, Слаѓан Милошевски и Ан Вутерс (Белгија). Монтажа и звук: Владимир Петровски – Картер.
…………………..
Киро Урдин е роден на 12 мај 1945 година во Струмица каде го завршува основното и средното образование. Дипломира на Правниот факултет во Белград. Студира на Академијата за применета уметност во Париз (1973/74 г.) Дипломира на Академијата за филм – Париз (1977 г.).
Од 1984 година до денес, професионално се занимава со сликарство. Од тогаш има реализирано над 100 самостојни и групни изложби во познати галерии и музеи.
Освен во Македонија каде изложувал во Музејот на современа уметност и во Интернационалната галерија „Стоби“ (1994 год. и 1996 год.) има изложувано во: Франција, Австрија, Швајцарија, Холандија, Данска, Шведска, Норвешка, Англија, Шпанија, Словачка, Германија, Грција, Јапонија, Кина – Хонгконг, Тајван, Јужна Kopeja, САД, Порторико, Мексико, Тунис.
Сликата „Планетариум“ која е сликана низ најзначајните културни центри на светот, спаѓа меѓу најголемите во современа Европа, со површина од 48 м2. Сликата е откупена и поставена во зградата на електронскиот гигант NEWAUS, во Ајндховен – Холандија. Планетариумот како мултимедијален проект е меѓу првите како уметничко дело во ликовниот правец мондидализам. За „Планетариумот“ е снимен и филм на трака од 35 мм koj филм беше прикажан и на официјалната селекција на познатиот телевизиски фестивал во Монте Карло во 1998 год.
Од страна на претставникот на Атинскиот ликовен музеј е избран како сликар од Македонија кој имаше самостојна изложба во Солун кога градот беше избран како културна престолнина на Европа. Изложбата беше реализирана во јули 1997 година.
Досега за сликарството на Киро Урдин, покрај бројните каталози излегоа и книгите „Киро Урдин“, Париз, 1988, книгата каталог во издание на Музејот на современа уметност во Скопје, 1994, во ноември 2000 год. Музејот во Данобијана ја издаде книгата „Ретроспектива на Киро Урдин“ по повод големата изложба организирана од страна на музејот во Словачка. Во текот на 1997 година во Париз излезе книгата „Планетариум“, на 170 стр. голем формат, во која се прикажани сите фази во изработката на сликата. Во 1998 година во издание на „Вило“ од Париз излезе репрезентативната книга од 200 стр. во која е прикажан дел од сликарството на Киро Урдин. Предговорот е на Жерар Хуригиера. Како последна репрезентативна книга излезе публикацијата „Киро Урдин – сликарство“, издадена од страна на големиот галерист Гиј Питерс.
Во 1999 година имал чест да излага во галеријата на Даниел Бесеих, покрај другите, со сликарите: Апел, Арман, Бернар Бифе, Сезар, Шагал, Корнеле, Дебре, Дубуфет, Дуфу, Хартунг, Кијно, Кислинг, Ланској, Линдрстром, Пикасо, Утрило, Васарели и Фламинк.
Дел од сликите се наоѓаат кај видни колекционери, голем дел кај големи љубители на ликовната уметност кои не се колекционери, потоа дел од сликите се откупувани од галеристи каде што излагал, а неколку слики се откупени и од музеите.
Александар Ристевски