Промоција на антологиска едиција „Најдобрата кинеска литература за деца“

Утре (петок, 8 февруари) во Училиштето за кинески јазик „Ни Хао“ во Скопје, ќе биде промовирана антологиската едиција од десет книги „Најдобрата кинеска литература за деца“, што неодамна ја објави „Македоника литера“ како копродукциски проект со издавачката куќа „Делфин букс“ од Пекинг.

Промоцијата ќе се одржи во рамките на прославата на кинеската Нова година на прасето, организирана од првото училиште за кинески јазик во Македонија. Ќе биде поставена и изложба на кинески книги, објавени од „Македоника литера“ на македонски јазик.

Во едицијата „Најдобрата кинеска литература за деца“ се застапени најпознатите и најчитаните современи кинески писатели за деца и за млади. Во овие книги се вклучени најдобрите дела на авторите, избрани од самите автори. Изборите содржат бајки, басни, раскази или новели.

Десетте книги од едицијата „ се: „Тајната на слатките јагоди“ од Танг Сулан, „Мирисливата птица“ од Ѓин Бо, „Легенда за мечето Панда“ од Сун Јоуѓун, „Магичниот папагал“ од Ге Бинг, „Персискиот мачор Пек“ од Гао Хонгбо, „Малиот ној рицар“ од Лиу Сианпинг, „Божјиот фенер на морето“ од Донг Хонгјоу, „Приказни големи колку дланка“ од Џанг Ќуишенг, „Братучед ми доаѓа“ од Ќин Венѓун и „Вкусот на сонцето“ од Џанг Џилу. Последните две книги првенствено се наменети за тинејџери, а другите се за читатели на возраст од седум до 12 години.

Преведувачи на книгите се: Славчо Пеев, Елена Саздовска, Влатко Стојковски, Сибела Ајдинова, Марија Биљановска Илијоска, Љубица Стефановска, Ана Антоновска, Биљана Китановска, Сашо Огненовски и Елена Тренчева.

You May Also Like