“Once upon a time in the east” изложба на Томе Аџиевски

Вечерва (9 ноември, четврток), со почеток во 19:30 часот, во Националната галерија на Македонија, во објектот Чифте амам, ќе се отвори најновата изложба на авторот Томе Аџиевски, насловена ONCE UPON A TIME IN THE EAST.

Томе Аџиевски е еден од исклучително важните уметници на средната генерација македонски современи уметници кои се појавуваат во 90-тите години (дипломира на Академијата за ликовни уметности во Загреб, во 1983 година).

Со својот младешко-бунтовнички карактер и желбата за „револуционерни“ и брзи промени во уметноста кај нас, влијае врз осовременување на македонскиот визуелен вокабулар како дел од македонската постмодерна. Контроверзен но моќен, раскошен но некогаш и оспоруван, Аџиевски отсекогаш со особена вештина создава дела кои имаат исклучителни просторно-естетски специфики, но ангажираниот општествено-политички дискурс доминира како важен белег на неговиот уметнички темперамент. Се потпира на значајни моменти од историјата на уметноста на 20 век, кои како да се движат по некоја циклична траекторија до ден-денес, со пресвртни револуционерни мигови што доведуваат до смена на темпото, на разбирањето на уметноста и на нејзината улога и, секако, на улогата на уметникот во социо-општествениот хабитус.

Најновиот творечки циклус на Томе Аџиевски ONCE UPON A TIME IN THE EAST претставува своевиден омаж на периодот на руската авангарда и нејзината уметничка револуција – како реакција на општествената револуција. Овој исклучително важен период од развојот на уметноста на минатиот век и историјата на уметноста генерално, преку неоавангардата, сѐ уште има реминисценции врз уметноста на современоста, т. е. уметноста која се создава денес, колку и навидум анахроно самата неоавангарда да се перципира. Аџиевски „презема“ некои од искуствата на руската прогресивна уметничка интелигенција, предностите на апстрактната уметност, на конструктивизмот, на метафизичката уметност, супрематизмот, на уметноста како теорија, неоавангардата од 70-тите, постмодерната естетика, со цел да допре некои мошне акутни проблеми и денес. Преку ваквата визуелна предлошка Аџиевски ја проблематизира и улогата на уметникот и уметноста од Источна Европа, каде што геополитички припаѓа и нашата земја, тенденциозно говорејќи за потреба од поголемо вреднување на источната традиција, а не слепо следење на западниот глобализам, на што сме сведоци со децении.
Сето тоа авторот го прави со една навидум „лесна“ и за него препознатлива визуелна матрица, употребувајќи користени и отпадни материјали или некои наменски снабдени за неговите скулптури, создавајќи просторно-формални конгломерации со трансгресивни и моќни скулпторски аспирации што го освојуваат просторот на амамот. Станува збор за мултимедијални дела кои содржат лим, каширана хартија, пластика, метал, спирали од стари душеци, картони, туби, силикон, шипки, облека, мермер, јутени вреќи, каиши, пластични канистри, текстил, дрвени плочи, асфалт, боја, катран итн.

Изложбата ќе трае до 29 ноември.

Куратор на проектот е Ана Франговска, виш кустос во Националната галерија.

———————————————————

Томе Аџиевски е роден 1958 година, во Струмица. Дипломира во 1983 година, на Академијата за ликовни уметности во Загреб, во класата на скулпторот Иван Саболиќ. Истата година, како стипендист, остварува двомесечен студиски престој на Уметничката академија во Виена. Од 1984 година е член на ДЛУМ. За првпат самостојно се претставува во 1986 г., со проектот „Трчање на Запад“, кој ќе ја разбранува ликовната заедница со бескомпромисниот став кон темата. Уште од самите почетоци на кариерата е вклучен во повеќе важни селекции на поранешна Југославија. Повеќепати настапува на скулпторските изложби во Панчево, во Мурска Собота, како и на мошне важното Биенале на младите во Риека. На Годишната изложба на ДЛУМ ја добива престижната награда за скулптура „Нерешки мајстори“, како нејзин најмлад добитник.
Во 1991 година Аџиевски престојува во Манчестер, каде што реализира неколку скулптури во отворен простор. Тие се компактни облици, моделирани во согласност со скулпторското проседе и вдаховени од светот на архетиповите или од биолошкиот ритам на природата. Со самостојната изложба во Скопје, во Музејот на современата уметност, авторот ја заокружува скулпторската целина што е конципирана врз формата – поместена издвоено или во амбиент. Определбите од различни видови (архетипови, симболи и метафори) се концентрирани врз решавањето на проблемот на просторот како главен именител на односите меѓу скулпторските сегменти. Дел од овој проект е потоа изложуван и во Нирнберг, Дрезден и Берлин.
Во 1996 г. Аџиевски престојува во САД. Во Сан Франциско ја реализира монументалната пластика „Духот на мртвиот татко“, форма инспирирана од традициите на индијанските заедници од регионот. Таму го создава и својот значаен проект „Големиот чекор назад“, подоцна прикажан и како самостојна изложба во Скопје, во Музејот на современата уметност. Во овој проект тој ги обединува скулптурата и фотографијата откривајќи низа дијалози меѓу поимот на херојското (монументалниот аспект на скулптурата) и поимот на антихеројското (мирната линија на хоризонтот, бранови на океанот, потокот, коњските силуети), меѓу техничката совршеност на скулптурата и стереотипите на аматерската фотографија. Ангажманот е препознатлив во проектот кон кој Аџиевски одново ќе се навраќа. Дел од проектот е прикажан во 1997 г. во Берлин, на впечатливата изложба „Паралели – уметност од Македонија“. Концептот на ангажираноста, а најнапред критичкиот став кон уметноста и општественото, доминира во проектот „Смешните производи на Големиот циркус (Оригинален Британски музеј)“ што е остварен во 1998 г., во Скопје, на неговата самостојна изложба во CIX галерија. Аџиевски силно реагира на фактот дека неговото животно окружување е означено како простор на „Третиот Свет“ во кој сомнежот влијае, а нечесното царува. Според Аџиевски, глобализацијата ја налага својата индоктринација преку праслики. Овој вид индоктринација ја слабее можноста за критички избор, бидејќи прасликите што таа ги нуди како глобални категории или вредности се однапред зададени. Дел од овој проект, како инсталација и перформанс, е прикажан на македонската презентација на „Аперто 2000“ на Лидо, Венеција. Категоричниот став на Аџиевски против глобализацијата, најпрво во полето на културата, наиде на добар прием кај италијанската публика. Во проектот „Архитектура на агресијата“ од 2001 г., инспириран од скорешните трагични и, напати, трагикомични случувања на политички план во Македонија, Аџиевски го насочува својот критички ангажман кон општеството во кое живее. Проектот, кој се темели врз концептот на мејл-арт, придружен со писма и флаери, предизвика сериозни реакции во јавноста.
Во своите творечки постапки Аџиевски успешно ги вградува класичните техники и материјали (бронза, дрво, камен) и современите средства (видео, билборд-фотографија, компјутерски техники). Неговата изложбена дејност е позната во Белград, Загреб, Сараево, Анталија, Грац, Нирнберг, Дрезден, Берлин, Манчестер, Париз, Вашингтон, Њујорк, Сан Франциско, Лос Анџелес, Венеција, Болцано, Александрија итн. Во 2017 г. Аџиевски беше македонски претставник на 57-то Биенале во Венеција, со проектот „Red Carnival“, во кој посткомунистичките револуции испразнети од идеологија и со первертирана содржина ги сместува во зоната на глобалистичките медиумски спектакли. Благодарение на долгогодишната уметничка дејност, неговите дела се застапени во збирките на Музејот на современата уметност и во Националната галерија во Скопје, во новата галерија при Обласниот музеј „Јоанеум“ во Грац и во Галеријата „Евелин Гресман“ во Берлин.

You May Also Like