Образованието, литература и културата имаат моќ да застанат над политиката

Македонскиот јазик се изучува на осум универзитети во светот, каде што предаваат лектори што ги испраќа Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, како и во десетина центри со наставници од тамошните универзитети. Едно од најактивните македонистички јадра кое со децении дава одлични македонисти и амбасадори на македонската култура е Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана.

Интересот за македонскиот јазик во Словенија е постојан, со непрекината традиција од 1962 година. Предметите се задолжителен дел од додипломската и магистерската студиска програма Јужнословенски студии, а се нудат и како изборни предмети за други студенти. Оваа академска година во Љубљана има 35 студенти на програмата Јужнословенски студии (24 на додипломски, 10 на магистерски и 1 на докторски студии) и 5 студенти на изборни лекторати по македонски јазик.

Бидејќи македонската литература во Словенија се изучува само на ниво на универзитетска настава, за многумина студенти тоа претставува прва средба со македонските автори и нивни дела. Во наставниот план се поместени дела од националниот литературен канон, како и современи дела. Студентите во и низ македонистиката ги воведува и води проф. д-р Намита Субиото, голем промотор на македонскиот јазик и култура.

На прашањето за тоа на кои теми, автори и аспекти од македонскиот јазик, литература и култура посветуваат најголемо внимание, таа вели:

  • Оваа година фокусот ни е врз современиот македонски расказ, студентите истражуваат македонско-словенечки релации од оваа област, а се занимаваат и со анализи на најновите прозни збирки на македонски автори и авторки, на пример: Илија Илов, Сања Михајловиќ-Костадиновска или Дијана Петрова, која ни беше и гостинка на зум-средбата на 21 декември – објаснува нашата соговорничка од Љубљана.

Проучувањата на современиот македонски јазик и литература во еден поширок балкански контекст беше цел и на зум-средбата организирана на крајот на 2020 година на која проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ од Скопје, говореше за збирката „Не правете им сенка на гробовите“ од Дијана Петрова. Проф. д-р Људмил Димитров од Факултет за словенски филологии во Софија ја претстави збирката „Квартал „Зона обиколна“ од Весела Љахова. Промоцијата беше реализирана во рамките на предметот Современи јужнословенски литератури што проф. Субиото го држи заедно со професорката по хрватска и српска книжевност, д-р Ѓурѓа Стрсоглавец.

  • Студиската програма Јужнословенски студии предвидува запознавање со сите јужнословенски јазици, литератури и култури. Тоа се автентични средби со жива литература и со култури што ни се физички и духовно блиски. На вакви предавања на врвните експерти можеме навистина многу да научиме: да слушаме јужнословенски јазици од изворни зборувачи на академско ниво, да ги следиме современите текови на јужнословенските литератури и нивната рецепција, да се запознаеме со литературните преводи, а можеби да посочиме и идеи за некои нови – истакнува македонистката Субиото.

Меѓу другото зборувавме за заедничките тенденции на едната и другата проза, за специфичните теми што ги окупираат македонските и бугарските раскажувачи. Така треба да продолжат нашите дијалози – е впечатокот и на проф. Весна Мојсова-Чепишевска, актуелен директор на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура.

  • Предавањето беше, моето на македонски, неговото на бугарски, и протече во една извонередно убава/работна и интерактивна атмосфера зашто на самото предавање гостуваа и авторките, кај мене младата Дијана Петрова, а кај Димитров – Весела Љахова. Студентите ги познаваат двата јазика, но ете преку книжевноста на овие два јазика се обидуваат да ги откријат сите убавини, и на едниот и на другиот јазик преку самата книжевност (на едно повисоко ниво), во овој случај преку расказите на Петрова и на Љахова – вели проф. Мојсова-Чепишевска.

 

Од Скопје до Софија преку Љубљана

Средбата меѓу Скопскиот и Софискиот универзитет започнува во 2018 година со подготовки за научна конференција која се случи во мај 2019 година. Домаќин беше Љубљана, а иницијатор токму проф. Субиото во соработка со проф. Димитров, кој во два наврата бил и лектор по бугарски јазик во Словенија. Имено, трите универзитета (Љубљанскиот, Скопскиот и Софискиот) учествуваа на конференцијата под наслов: „Бугарија – Македонија – Словенија: Меѓукултурни дијалози во XXI век“, а од таа конференција излезе и рецензирана колективна монографија под истиот наслов како и самата конференција (София: Аз-буки, 2019).

Слична конференција беше одржана онлајн на крајот на ноември, а рецензираната колективна научна монографија може да се најде и во електронска верзија .

  • На последната конференција зедовме учество со еден коавторски текст, јас, Соња Должан (преведувачка од словенечки на македонски и обратно) и Душко Крстевски (преведувач од бугарски на македонски) под наслов: „За преведувањето како сукцесивно приспособување кон различните културни вредности“ – вели проф. Весна Мојсова-Чепишевска.

Понатаму, Мојсова-Чепишевска  подвлекува:

  • Релациите со Словенија и преводите од и на словенечки се доживуваат како нешто најнормално имајќи го предвид заедничкото наше живеење во некогашната заедничка држава. Но, на самата конференција оддекна сознанието дека за нешто повеќе од 10 години, Душко Крстевски превел дури 20 наслови од најсовремената бугарска проза. Мислам дека тој беше главната „ѕвезда“ на оваа конференција. А на него треба да се гледа како еден продолжувач на она што досега го направија со/преку своите преводи од бугарски на македонски – Блаже Конески, Гане Тодоровски, Васил Тоциновски, како и Бранко Цветкоски, Санде Стојчевски, Никола Маџиров… Да ги искористам неговите зборови во овој наш заеднички труд: „… словенските јазици на Балканот по многу нешта се слични и имат исто потекло и секое негирање на истото е одраз на лингвистичко непознавање и некои обиди за мистификација.“! А околу историските мистификации и двете наши земји и тоа како изобилуваат со псевдонаучни студии и речиси научно-фантастични тези. Секако, дека неоспорно е дека во тој зборник има и текстови со констатации со кои не се согласувам, како што и во нашиот труд има констатации со кои колегите од бугарската научна фела не се согласуваат. Но, и покрај сè, ние два дена презентиравме, зборувавме, споделувавме, се конфронтиравме, ама … Згора на сè, сите трудови се рецензирани од проф. д-р Панајот Караѓозов (од Софискиот универзитет), проф. д-р Лидија Аризанковска (од Скопскиот универзитет) и проф. д-т Ѓурѓа Стрсоглавец (од Љубљанскиот универзитет). Тоа значи дека сите текстови имаа и едно критичко читање или читање од страна (од професори кои не учествуваа директно во работата на самата конференција и немаа свој труд на таа конференција) – потенцира проф. Мојсова-Чепишевска.

За неа нивото на соработка треба да се проширува преку изрботка на заеднички програми и студии и запознавањето на културите и јазиците, кои иако се географски близу, најчесто се одалечени поради различни општествено-политички промени:

  • На предавањето за современата македонска и бугарска проза организирано од Љубљана, свој прилог даде и проф. д-р Ивица Баковиќ, инаку раководител на Катедрата за јужнославистика на Загрепскиот универзитет и професор по македонистика, специјалист за современата македонска книжевност. Замислете каков дијалог во тој момент се водеше меѓу овој јужнословенски книжевен квартет (Љубљана-Загреб-Скопје-Софија). Во тој правец треба да се размислува и за проширување на нивото на вистинска соработка преку изготвување студиски програми (заеднички), за да не остане само на лична заложба и добра воља. Замислете студенти по македонистика и јужнославистика од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ покрај својот јазик и книжевност да имаат опција да изучуваат уште два други јужнословенски јазици (тие тоа и го имаат и сега каде на двете Катедри за македонски јазик и за македонска книжевност се изучуваат српскиот, хрватскиот и словенечкиот јазик, литература и култура, а на Катедрата за македонска книжевност се изучува и уште и бугарската книжевност). Надгрдувањето треба да биде преку можноста за запознавање на литературите и културите на тие јазици и изучување на тие избрани јазици, литератури и култури во другите универзитетски центри каде се вдомени Катедрите по јужнославистика и македонистика и притоа сите тие универзитетски центри да учествуваат во дефинирањето на нивната диплома.. Ни треба многу енергија, зашто и премногу години изгубивме очекувајќи вистински политички придвижувања/приближувања – децидна е професорката од Скопскиот универзитет.

подготвила:
Александра Јуруковска

You May Also Like