Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје деновиве објави антологиски избор од десет кинески книги за деца и за млади како прв дел од едицијата „Најдобрата кинеска литература за деца“, како копродукциски проект со издавачката куќа „Делфин букс“ од Пекинг.
Двете издавачки куќи пред една година формираа заеднички редакциски оддел за издавање кинески книги во Македонија, а објавувањето на десетте книги е првиот заеднички издавачки проект на тој оддел. За наредниот период се превидени нови изданија, но и проширување на оваа едиција.
Со првите десет книги од едицијата „Најдобрата кинеска литература за деца“ се застапени најпознатите и најчитаните современи кинески писатели за деца и за млади. Во овие книги се вклучени најдобрите дела на авторите, избрани од самите автори. Изборите содржат бајки, басни, раскази или новели. Како прилог, во книгите се објавени и текстови на авторите кои го образложуваат својот избор и се осврнуваат на своето творештво.
Првите десет книги од едицијата „Најдобрата кинеска литература за деца“, кои деновиве ги објави „Македоника литера“ се: „Тајната на слатките јагоди“ од Танг Сулан, „Мирисливата птица“ од Ѓин Бо, „Легенда за мечето Панда“ од Сун Јоуѓун, „Магичниот папагал“ од Ге Бинг, „Персискиот мачор Пек“ од Гао Хонгбо, „Малиот ној рицар“ од Лиу Сианпинг, „Божјиот фенер на морето“ од Донг Хонгјоу, „Приказни големи колку дланка“ од Џанг Ќуишенг, „Братучед ми доаѓа“ од Ќин Венѓун и „Вкусот на сонцето“ од Џанг Џилу. Последните две книги првенствено се наменети за тинејџери, а другите се за читатели на возраст од седум до 12 години.
Во секоја книга од едицијата е објавен заеднички предговор на Гао Хонгбо, писател за деца, и Ванг Ќуанген, професор по литература, во кој е даден осврт за современата кинеска литература, а за едицијата пишуваат: „Беа вложени херкуловски напори за да се гарантира дека делата што се вклучени во едицијата го претставуваат највисокото ниво и достигнување во естетската и умет¬ничката креација во литературата за деца во современа Кина, дека можат да бидат напишани на „заеднички јазик“ заснован на детската невиност, глобалните перспективи и етничките карактеристики, дека целосно го изразуваат духот на времето, веродостојно ја одразуваат позитивната претстава и величината на Кина, како и животниот статус на децата на Кина денес, да бидат блиску до детскиот живот и психолошката реалност, како и да се одликуваат со универзалност, вистина, доблест и убавина, држејќи се до филозофијата на вредноста на литературата за деца и поста¬вувајќи здрав темел за идните генерации на човештвото. Со цел да бидат претставени постигнувањата на автентичното творештво и творечката личност на избраните автори, оваа серија содржи дела што самите автори ги одбрале, така што најдобро ќе придонесат за визуелното размислување на децата од целиот свет.“
Инаку, денес, во Кина, како голема земја и како земја којашто во издаваштвото најмногу објавува публикации за деца, бројот на објавени примероци на книги за деца изнесува 600 милиони годишно, или повеќе од 80.000 кате¬гории во малопродажбата и со годишна продажба во износ од над 8 милијарди јуани.
„Делфин книги“ е единствената професионална детска издавачка куќа во Кина која е специјализирана за објавување детски и хуманистички едукативни книги.
Таа е ориентирана на меѓународниот пазар на книги, објавувајќи разновидни и големи проекти на други јазици – пред сè на поголемите јазици: на англиски, француски, германски, јапонски, арапски јазик. Годишниот извоз на авторски права е повеќе од сто книги во САД, Велика Британија, Германија, Канада, Кореја и Јапонија.