Нова книга на Маја Апостолоска „Ова е туѓо писмо“

Новата книга на Маја Апостолоска, насловена „Ова е туѓо писмо“, деновиве ја објави издавачката куќа „Макавеј“ од Скопје. Книгата содржи четириесетина куси раскази кои се концепциски групирани во три тематски целини.

  • За расказите во книгата ’Ова е туѓо писмо‘ од Маја Апостолоска е карактеристичен ониричниот и фантазмагоричен амбиент во кој секој детал претставува симбол и секој од ликовите во исто време има човечки и метафизички карактеристики. Во нив е видлива опседнатоста со архетипските претстави, особено со оние сврзани со универзалното зло, со сите негови трансформации и олицетворенија, коишто како колективно наследство се секогаш возбудливи, но коишто истовремено се индивидуално визуелизирани, разглобени и соголени, некогаш и до степен на карикатуралност. Интертекстуалното поврзување со Библијата, и на стилско и на наративно ниво има за цел да предизвика еден вид книжевна мистификација, продолжување на големите епски старозаветни приказни. Иако расказите, условно кажано, функционираат како засебни целини, нивното значење и логика ја доживуваат својата полнота кога стануваат дел од пошироката целина. Така, оваа книга може да се чита истовремено и како како роман во една поширока интерпретација на овој жанр“ ‒ истакнува во препораката за книгата писателот Бранко Цветкоски.

Меѓу расказите објавени во книгата „Ова е туѓо писмо“ читателите можат да го прочитаат и расказот „Ова не е моето име“ за кој авторката доби награда во конкуренција од над двесте раскази на конкурсот на „Нова Македонија“, а писателот Александар Прокопиев за овој расказ истакна дека има „современа структура на раскажување и ротира околу една судбинска приказна пресликана на вешт наративен начин“.

Маја Апостолоска е поетеса, прозаистка, литературна критичарка и есеистка. Дипломирала општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Авторка е на книгите „Заиграј, веќе, мастилаво!“ (поезија, 2000 год.), „Прекин на комуникацијата“ (поезија, 2004 год.), „Зад текстовите“ (критики и есеи, 2007 год.), „Именувањето“ (поезија, 2009 год.) за која ја доби наградата „Бели мугри“ за најдобра поетска книга од автор до 35-годишна возраст што ја доделува Домот на културата „Кочо Рацин“ од Скопје, а „Ова е туѓо писмо“ е нејзина прва книга со раскази. Заедно со Јовица Тасевски‒Етернијан го има составено изборот од современата македонска поезија со библиски, религиозни и апокрифни мотиви што излезе како специјален број на списанието „Стремеж“ (број 11/12, 2000 год.). Врз основа на нејзината поезија во Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов‒Џинот“ во Велес беше изведена претставата „Прекин на комуникацијата“ во режија на Весна Димитровска (2006 год.).

Нејзината поезија е преведена на повеќе јазици и објавена е во неколку антологии на македонската поезија, а нејзини раскази се објавени во повеќе списанија.

You May Also Like