Не денешен ден 12 ноември 1910 година во Солун е роден Димо Тодоровски, академик и професор, вајар од првата генерација вајари кои ја втемелил вајарската уметност во Македонија.
Тој бил единствен скулптор што се појавил меѓу двете светски војни во Македонија. Излагал самостојно во Скопје, во Белград, Загреб, во Дижон и на други места.
Димо Тодоровски роден е на 12 ноември 1910 година во Солун, од мајка Ленка Перева и татко Ристо Тодоровски. Две години по неговото раѓање, неговото семејство се вратило во родниот град Прилеп. Во 1917 година, татко му починал, а Димо од 1920 до 1929 година престојувал во Домот за воени сирачиња во Битола. Без доволно финансиски средства, од 1929 до 1935 година студирал во Белград, каде ја завршил Уметничката школа со академски курс, на вајарскиот отсек во класата на П. Палавичини.
По враќањето во Македонија, учествувал во формирањето на Уметничката школа во Скопје (каде бил и професор до пензионирањето), но и во формирањето на Уметничката галерија во 1949 година. Тодоровски вил и дописен член на МАНУ.
И денес, во населбата Трнодол каде живеел, стои неговата празна куќа со ателјето, за која тој оставил аманет да биде претворена во спомен дом.
Автор е на многубројни споменици во Македонија, како и на скулптурите „Јама“, „Тутуноберачка“, „Гроздоберка“, „На жица“ и други.
Умрел во Скопје, на 27 април 1983 година.