На денешен ден: Роден е Тоше Проески

На денешен ден, пред точно 40 години, роден е Тодор „Тоше“ Проески (25 јануари 1981 – 16 октомври 2007), со сигурност најголемиот и најпознатиот македонски пејач и една од најголемите ѕвезди на балканската музичка сцена, заштитен знак на Македонија.

Роден е како Тодор Проески во Прилеп, со постојано живеалиште било Крушево. Музичкото образование го стекнува во музичко училиште во Битола и на Музичката академија во Скопје.

Првите почетоци на музички план Тоше Проески ги прави уште во раното детство настапувајќи на детскиот фестивал „Златно Славејче“ во 1992 година со песната „Јас и мојот дедо“ испеана на влашки јазик. Тоше Проески ја започнува својата музичка кариера на фестивалот „Мелфест” каде во 1997 година победува со изведбата на Yesterday на Битлси. Истата година учествува и на „Макфест” со композицијата „Пушти ме”.

Тоше работeше со еден од најпознатите македонски композитори и текстописци Григор Копров, соработка која му донесе два од најголемите хитови Усни на усни и Сонце во твоите руси коси. Во 1999 година го издаде својот деби-албум „Некаде во ноќта” кој содржи единаесет песни. Летото истата година, Тоше го одржа својот прв концерт, кој, и покрај дождот и лошото време, останува незаборавен за неговите обожаватели.

Во 2000 година Тоше учествува на „Скопје Фест” со песната „Солзи прават златен прстен” која, и покрај тоа што победува на телегласањето, на крајот го освојува третото место, зад Каролина Гочева и победниците XXL. Во овој период почнува да ги снима и песните за својот втор албум „Синот Божји” кој е промовиран во јуни 2000 година. Албумот ќе даде голем број хитови во опусот на Тоше, како „Немир” (дует со Каролина Гочева), „Во коси да ти спијам”, „Излажи ме уште еднаш”, како и „Илузија” и „Тајно моја”, две песни компонирани од Кире Костов, (со втората го освојува второто место на фестивалот „Сунчане скале” во Херцег Нови, Црна Гора).

Српската продукциска куќа „BK Sound” ги откупува правата за издавање на следниот албум на Тоше на просторот на поранешна Југославија, што пак ќе резултира со Оскар на популарноста на просторот на поранешните југословенски републики за 2000 година, како и со целосно распродадени концерти во Скопје и Белград. Во 2001 година Тоше, заедно со неколку други македонски пејачи, отпочнува турнеја низ Австралија.

Откако минува одредено време заедно со својата нова менаџерка Лилјана Петровиќ снимајќи во студио во Атина, Грција, Тоше го пушта во продажба својот трет албум „Ако ме погледнеш во очи” на македонски и српски јазик. Следи период на интензивна промоција во Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Бугарија. Во април 2003 година, Тоше победува на фестивалот „Беовизија” со песната „Чија си” која станува огромен хит во поголем дел од балканските републики.

Со цел да го подобри своето пеење, Тоше оди на часови кај маестро Вилијам Рајли во Њуjорк кој во својата кариера е и учител на Лучано Павароти. По враќањето, Тоше одржува низа хуманитарни концерти низ Македонија. Ја добива Хуманитарната награда Мајка Тереза, а во 2003 година станува регионален УНИЦЕФ амбасадор.

Следната година МРТ го избира Тоше за претставник на Евровизискиот настап кој се одржува во Истанбул, Турција. Во февруари,избрана е песната „Ангел си ти“. Во април Тоше го издава албумот „Ден за нас”, двојно це-де на кое се сместени осумте песни изведени на изборот за песна на Евровизија. Следниот месец, Тоше го освојува 14тото место со песната „Life”, англиската верзија на „Ангел си ти”.

Во 2004 година, именуван е за Амбасадор на добрата волја на УНИЦЕФ. По тој повод ја снима песната За овој свет која има и англиска верзија – This World и која станува химна на УНИЦЕФ. Тоше потпишува договор со Dallas Records за издавање на неговиот следен албум во Хрватска и Словенија. Тоше ја снима „Krajnje Vreme” со словенечката пејачка Ања Рупел. Во 2005, неговиот петти албум „По тебе” е издаден низ целата територија на поранешна Југославија. „По тебе“ е сѐ уште еден од најуспешните албуми било кога издадени на Балканот – неколку недели останува на врвот на листите во Македонија, Србија, Хрватска, Словенија и Босна и Херцеговина. Сингловите од овој албум пак, со месеци се задржуваат на највисоките места на музичките топ списоци во овие земји.

Неговиот следен албум „Божилак “ е компилација на 14 избрани македонски народни песни проследени од симфониски оркестар. Во 2007 година, Тоше го издава и „Игри без граници“, неговиот последен албум.

Неговиот последен концерт (уште еден во низата хуманитарни концерти) одржан на 5 октомври 2007 година на градскиот стадион во Скопје беше посветен на ревитализација на македонското школство. На концертот беа присутни повеќе од 40.000 посетители.

Тоше Проески исто така се потврдува и на полињата на компонирањето музика. Има напишано неколку песни за себе „Има ли ден за нас“, „Слушаш ли“, „Малечка“ и „Полско цвеќе“. Во 2004, Проески ја компонира и „Муза“, голем хит за Мартин Вучиќ и наслов на неговиот следен албум. Во едно интервју, Тоше има речено дека има повеќе од 100 искомпонирани и напишани песни за кои чека прав момент за да ги издаде.

Борба против злото, елиминација на непријателите, победа на доброто беа главните црти на стрипот „Супер Тоше“, во кој главниот јунак беше правен според ликот на Тоше Проески. „Супер Тоше“ беше првиот стрип во државава во кој главен протагонист беше популарниот пејач, а сето тоа беше дел од хуманитарната кампања која се одвиваше под мотото „Суперхерој на хуманоста“. „Во стрипот ги вметнавме сите доблести и карактеристики на Тоше за да изградиме фиктивен суперхерој, кој се надеваме ќе прерасне во идол на младите. Тоше е идеализиран, но на тој начин сакаме да им дадеме верба на младите за победа на доброто над злото“, изјави своевремено Оливер Ромевски, автор на „Супер Тоше“.

Тоше Проески загина на 16 октомври 2007 во трагична сообраќајна несреќа на автопатот Загреб – Липовац, кај местото Нова Градишка во Република Хрватска, на возраст од 26 години. Во мигот на несреќата, Тоше се наоѓал на совозачкото седиште во возилото коe со голема брзина удира во приколката на камионот пред него и потоа во крајпатната заштитна ограда. Останатите двајца патници – возачот Ѓорѓе Георгиевски поминува со потешки, додека неговата менаџерка Лилјана Петровиќ со полесни повреди. И двајцата се вон животна опасност.

Телото на Тоше пристигна на аеродромот „Александар Велики” од Хрватска, на 16 октомври, околу 23 часот, со хеликоптер на Армијата на Република Македонија. Целата нација со солзи го пречека во родната Македонија, со оглед на тоа дека настанот беше пренесуван од сите национални телевизии. На аеродромот, неговото тело беше пречекано од неговите најблиски и од владина делегација на чело со премиерот Никола Груевски. Беше организирана мала процесија од страна на почесната гарда на Армијата. Во сите македонски градови и села веќе беше отпочнато оплакувањето на најомилениот естраден лик и македонска национална гордост. На плоштадот „Македонија” во Скопје, масовно се палеа свеќи, а народот спонтано излегуваше на улиците за да го пречека и испрати на патот до Крушево.

Погребот на најголемата македонска музичка ѕвезда започна утредента во 13 часот, откако претходно беше одржана комеморација пред споменикот Македониум. “Крушево и Македонија уште од Илинден 1903-та не ги обземало таква тага и очај. И со право, зашто изгуби ангел. Продолжи Тоше да пееш, на небото, придружуван од ангели” – се прости архиепископот г.г. Стефан од „ангелскиот глас“. Овие зборови на архиепископот г.г. Стефан најдобро ја опишуваат атмосферата во која Македонија се прости од својот „ангелски глас“ Тоше Проески. Со липање и со неизмерна почит верната публика и на крушевско Гумење му го подари последниот аплауз на својот сакан. Премиерот Никола Груевски во обраќањето рече дека Тоше нè научи на чистота, на јасност, на упорност, на скромност, на хуманост, на искреност. – Нè научи на вредности на кои треба да почива универзумот. „Ни остави песна за да нè теши и да нè потсети како е да се биде човек” – рече Груевски на комеморацијата пред неколку илјади крушевчани, Македонци, почитувачи на Тоше, кои како река дојдоа да се простат со својот миленик. Тажното простување од големата ѕвезда почна уште во 11 часот, во црквата „Пресвета Богородица“, каде што Тоше бил крстен. Од црквата ковчегот беше ставен на лафет од каде што поворката тргна кон месноста Гумење, кај Споменикот на крушевската револуција. Глумицата Весна Петрушевска со говор се прости од својот пријател. – „Најстрашно е што Македонија го изгуби најдоброто нешто. Мислам дека умре надежта. Мислам дека умре најголемата ѕвезда што некогаш се родила во Македонија”.

Постхумно прогласен за почесен граѓанин на Македонија, Тоше беше погребан со најголеми државни почести. На неговото испраќање присуствуваше државниот врв, а венци пред ковчегот со неговото тело положија претседателот Бранко Црвенковски, премиерот Груевски, претседателот на Собранието Љубиша Георгиевски и речиси сите членови на Владата, делегации од политичките партии, хуманитарни организации на кои тој несебично им помагаше. Во реката луѓе што се поклонија пред големиот пејач беа неговите колеги, пејачи од Македонија и од Балканот, актери, црковниот врв, но и одбојкарите од неговиот клуб, игроорци, неговите пријатели, илјадници обожаватели. Последна почит му оддадоа и многу негови пријатели од балканската естрада, меѓу кои македонската поп дива Калиопи и нејзиниот сопруг, глумецот Васил Зафирчев, оперската дива Весна Гиновска-Илкова, Бени и Нора Шакири, пејачот Адријан Гаџа, хрватските пејачи Аки Рахимовски, Тони Цетински, српските пејачки ѕвезди Жељко Јоксимовиќ, Светлана Ражњатовиќ и други. Беа и амбасадорката на САД Џилијан Миловановиќ, евроамбасадорот Ерван Фуере и градоначалникот на Скопје, Трифун Костовски.

Тоше, денес е твојот 40ти роденден. За нас, вечно ќе си жив и во нашите срца!

You May Also Like