На денешен ден: Почина Томислав Зографски

На денешен ден (14 јануари 2000 година) во Скопје починал Томислав Зографски, македонски музички творец, композитор, професор и публицист.

Зографски е роден во Велес на 29 март 1934 година. Студиите по композиција ги завршил на Музичката академија во Белград. Од 1967 година, па до крајот на животот бил професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Тој е еден од најистакнатите претставници на македонската современа музика. Во својата прва творечка етапа, под влијание на С. Прокофјев и И. Стравински, прв во македонската музика внесол елементи на музичкиот неокласицизам.

Во понатамошниот композиторски развој, тој прифатил помодерен начин на музичко изразување, барајќи сопствен израз во актуелните музички струења, но задржувајќи, во трансформиран вид, и елементи од претходниот период. Во вокално-инструменталните дела од овој период, карактеристично е обраќањето на авторот кон македонската световна и духовна музичка традиција, како извор на творечка инспирација. Зографски е автор на дела од повеќе музички родови.

Тој ги искористува тонските низи на традиционалната македонска музика, како на пр. во циклусот „Записи“ за длабок глас и пијано (1963), едно од најзрелите дела во неговиот опус, каде вклучува фрагменти од византиско-словенската оставина на македонска почва, т.е. мелодиски фрагменти од т.н. пападикиско пеење на Свети Јован Кукузел од 14 век. Во ист стил е напишан и ораториумот „Похвала Кирилу и Методију“, за бас, рецитатор, хор и оркестар (1969). Меѓу камерните дела на авторот се издвојува „Есеј за дождот“, циклус за висок глас и оркестар (1982).

Во негова чест постои истоимена фондација која ја доделува награда за што го носи неговото име.

You May Also Like