Дуке Бојаџиев на 16 април во Карнеги Хол

Дуке Бојаџиев ќе го реализира својот проект „Love is the way“ и теми од филмовите „Сенки“ на Милчо Манчевски, „Војната заврши“ на Митко Панов и „Созерцание“ на Иво Трајков.

Митко Панов и Дуке Бојаџиев
Митко Панов и Дуке Бојаџиев

Македонскиот музичар и композитор Дуке Бојаџиев, кој повеќе од десет години живее и работи во САД, ја до оформи екипата и ги почна завршните проби за концертот на 16 април во њујоршкиот Карнеги Хол, една од најпрестижните светски сцени.

На концертот ќе гостуваат врвни музичари и соработници, меѓу кои и: Анџела Мекласки – вокал, нејзиниот сопруг Пол Кантелон – виолина (светски признат автор на музика за филмовите на Оливер Стоун, Џулијан Шнабел, Шекар Капур и други), холивудскиот актер – добитник на „Еми“ Иан Бјукенан – поезија, Ара Динкјиан,  македонскиот кларинетист Васко Дуковски, пијанистката Јасна Поповиќ, Оливие Самуилан на виола, вокалистите Влада Томова и Крсте Роџевски, во придружба на наградуваниот гудачки квартет „Атака“ составен од дипломци на „Џулијард“ и перкусионистите Матијас Кунзли и Мат Килмер.

Носачот на звук  „Love is the way“ е во издание на Скопскиот џез фестивал и се очекува пред македонската  публика во живо да биде претставен во текот на оваа година.

Бојаџиев ја прифати поканата и отстапи две нумери за компилацијата „Сендаи – дел 4“ на издавачката куќа Unique International од Шведска. Се работи за „The Beauty of the Heart”, инспирирана од македонската „Си заљубив едно моме“ и во изведба на Тања Царовска и „Come back” во интерпретација на Анџела Мекласки. Бојаџиев за оваа нумера соработува со Џеф Тол, гитарист на Брајан Фери. Приходот од компилацијата  ќе биде даден како хуманитарна помош на Јапонија.

Проектот е поддржан и од Министерството за култура на Република Македонија.

You May Also Like