Денес (3 август, петок), со почеток во 20 часот, во Домот на културата во Демир Хисар ќе се отвори изложбата Зерорендум на Колективот Зеро, во состав на манифестацијата Демир Хисар – град на културата во 2018.
Колективот ЗЕРО – 0, (Нулта точка до бесконечност) е група на македонски уметници чии почетоци водат од средината на 80-те години на минатиот век. Во период од пет години групата Зеро ќе биде активна на македонската сцена преку разни видови на уметничко делување, сликање на мурали, изведба на перформанси што во тие години ќе претставува новина во македонската уметничка сцена и ќе биде едно ново видување и спознавање на уметноста на нашите простори.
После нивната ретроспективна изложба во 2009 година во Националната галерија на Македонија, во објектот „Мала станица“ ќе дојде до нивно повторно здружување во 2011 година, овој пат именувано како „Колектив – Зеро“ во кој освен старите членови на групата, ќе се отвори простор и за нови. Нивниот прв заеднички проект после долгогодишната индивидуална работа, овој пат именуван како „Колектив – Зеро“, ќе биде претставен на 54-то Венецијанско биенале со проектот „Досие шлепер“ во 2011 година од каде ќе произлезе и нивната изложба „Paperworks“ претставена во МЦ (Gallery MC) во Њујорк во 2011.
Денес групата ја сочинуваат: Александар Станкоски, Синиша Цветковски, Ибрахим Беди, Зоран Јаневски, Горанчо Ѓорѓиевски, Миодраг Десовски, Стеван Шашков, Владо Манчевски, Сашо Јовчевски и Златко Трајковски (1960-2017).
Изложбата „Зерорендум“ е надополнување на веќе постоечката колекција на фотографии „Paperworks“. Станува збор за фотографии врз кои се извршени сликарски интервенции кои дообликувајќи ги им дават една нова димензија, структура и порака на истите. Овие фотографски-сликарски дела во согласност со индивидуалниот сликарски ракопис на авторите се проткаени со елементи на психоделија и надреалност како и една откровенителна „нова реалност“ каде уметниците во улога на креатори ја отпочнуваат и формираат „новата реалност“.
Фотографиите се изработени концепциски во кои може да се забележи сценографска позадина, во чиј простор се поставени најразлични предмети позајмени од секојдневието а овде вклучени во целокупната сценско- уметничка инсталација на моменти театрална сцена. Токму таа концепциска сценографија на самите фотографии во која случајно или намерно се аранжирани одредени сцени во себе изобилува со низа асоцијации и симболични понатамошни толкувања за мисловната позадина на целокупниот проект. Водоводната цевка за момент постанува луле (алузија за мир), исплетените кошници (нашето блиско минато, сиромаштијата, макотрпноста), черепот поставен во средишниот дел на една од фотографиите заедно со поставената скала и качениот лик на неа оддаваат алузија за нашата сопствена национална Голгота (знаејќи ја политичко промислувачката концепција на проектот).
Неологизмот АРТИФИКАЦИЈА испишан на една од фотографиите им додава едно сосема ново и поразлично значење на самите предмети но и целокупната идеолошка позадина на Колективот. Артификацијата се согледува како процес во кој еден неуметнички предмет се трансформира во уметничко дело, оттука може и да се согледа концептот (идејата) за артификација на сопствената држава и прогласување на истата за целосно уметничко дело, концепт кој со оваа изложба „Зерорендум“ ги отвора своите патишта.
Во овој нивни концепт на артифицирање на државата, предметите и целокупноста може да се увидат политичките и општествени идеји во нивното уметничко делување. А што е тогаш уметникот ако не и буден посматрач на сегашноста, кој преку уметноста укажува на општествените, духовните и политичките состојби на времето во кое живее. Оттука доаѓа дека Колективот Зеро претставува една промислувачка целина (група на повеќе индивидуи кои делуваат и творат како едно) која во својот уметнички израз укажува, покажува и остава простор за размисла за состојбите во кои денес живееме.