Јубилејна 30-та интернационална Ликовна колонија Галичник

Во тек е јубилејната 30-та интернационална Ликовна колонија Галичник, која започна на 15 август 2019 година, а која ќе трае до 22 август.

На неа учествуваат 11-мина уметници од повеќе земји и тоа: Симоне Хујамнс и Мари ван Воленхофен – Холандија, Селма Џулизаревиќ и Бранимир Карановиќ – Србија, Софија Грегоријаду – Грција, Улф Лундин – Шведска, Даниел Дресел – Германија, Лин Куасаи – Англија, Хелидон Ѓерѓи – Албанија, САД и Зорица Зафировска и Атанас Атанасоски од Македонија.

Сите учесници се современи визуелни уметници кои се занимаваат со транс и мултимедијална уметност, сите со богати биографии и со исклучителна афирмираност во земјите од каде доаѓаат и пошироко, дел од нив професори на престижни универзитети и институти низ светот, претставници и учесници на значајни ликовни манифестации, биеналиња (како национални претставници или како дел од групните тематски проекти) и уметнички ивенти. Медиумите во кои тие креативно се изразуваа се во согласност со уникатната медиумска определба на Ликовната колонија Галичник во регионот при изборот на уметниците, а тоа се новите и дигитални медиуми како видеа, фотографии, дигитална графика, дигитални и звучни инсталации и слично. Очекуваме и убедени сме, дека и овогодишната креативна средба, како и сите досега, факт кој на многу наврати е докажан од страна на стручната фела, ќе се одржи на највисоко професионално ниво и дека како резултат на тоа ќе бидат создадени одлични дела.

30 години егзистирање на ликовната сцена во Македонија не е мала бројка, туку значи доследност, истрајност, предаденост, пожртвуваност, се со цел да се придонесе кон збогатувањето на македонското културно милје, да се направи одличен креативен спој на традиционалните и природни убавини со најсовремените ликовни егзегези на одлични уметници од светот. Ликовната колонија Галичник, која ја основа Нове Франговски (1939-2017), отсекогаш била посебна визуелна манифестација во нашата држава чија причина за постоење е да се воведе еден специфичен квалитативен сензибилитет во заедничко работење на група интернационални и домашни автори.

Целта не е репетитивност во изборот на автори, квантитет на продукција, л’арт пур л’арт оправданост во импресионистичкиот манир, туку една современа форма на промоција на уметноста, која ќе овозможи квалитетни средби, резиденција во визуелен јазик адекватен на современите текови во уметноста, манифестација која ќе овозможи суштински контакти клучни во создавање на уметничко вмрежување кое пак од друга страна е плодно тло за афирмација на македонската култура и уметност во светот.

Изминативе 30 години сите активности на Ликовната колонија Галичник ја докажаа оправданоста за опстојувањето на оваа манифестација, а секако и единственоста, т.е. уникатноста на оваа резиденција од сите останати во земјата и регионот. Таа е веќе препознатлива визуелно-уметничка активност на светската арт мапа.

Во знак на јубилејот, Ликовната колонија Галичник, подготвува неколку активности. За времетраењето на колонијата ќе се одржат две јавни презентации на кои уметниците ќе се претстават пред локалната јавност и ќе можат да комуницираат и да се социјализираат со локалното население, доближувајќи се до нив, на некој начин отклонувајќи ги границите на „неразбирливоста и апстрактноста“ на современата уметност и новите медиуми во уметноста. Овие презентации ќе се одржат на 16 и 17 август, во 19.00 часот, во општинската галерија среде Галичник, а во недела, 18 август, во 11.00 часот ќе ја анимираме и најмладата публика, едуцирајќи ги преку детска работилница со уметниците – учесници.

Во октомври пак, организираме ретроспективна изложба – 30 години Ликовна колонија Галичник, во Националната галерија на  Македонија, објект Мала станица, на која ќе бидат претставен селектиран избор на дела од сите досегашни сесии на колонијата, а ретроспективата ќе биде проследена и со убава монографија.

Со надеж дека во иднина ќе се посвети поголемо внимание во одржливоста на ваквите квалитетни, уникатни и традиционални манифестации, издвојувајќи ги од останатите, многубројни, широко распространети, квантитативни ликовни колонии, чие национално поддржување и неселективност ја намалува важноста, значењето, оправданоста и неопходноста од одржување на вакви ликовни манифестации, како Галичката резиденција и во иднина.

You May Also Like