Изложбата „Свадбен пат“ на авторот Кристина Пулејкова, ќе виде отворена во четврток (19 декември) со почеток во 19 часот, во објектот Чифте амам, во срцето на Скопската чаршија.
За изложбата кураторот на истата, вишиот кустос Ана Франговска, вели:
Концептот околу кој се дефинира и обликува наративот на проектот е приказната за европската јагула, која е ставена на листата на загрозени видови, а паралелно на европската јагула, Пулејкова локално, ја вклучува и охридската јагула, која природно се вбројува во редот на европските, но бидејќи патот на миграција и е вештачки спречен, таа сега артифициелно се мрести. Јагулата е мошне специфичен вид кој минува низ три животни фази созревајќи, од мала проѕирно-стакласта, преку возрасна жолта и сексуално зрела единка со сребрено „руво“. Таа, за да ја оствари својата репродукција, мигрира до Саргаското море, водена од сопствениот инстинкт, каде се случува љубовниот чин, кој истовреме е и последената карика на патешествието наречено егзистирање, т.е. потоа настапува нејзината смрт, а малите единки, носејќи го кодот на потеклото се враќаат назад по патот по кој поминале нивните родители. Чудесно патешествие дадено од природата кое на еден специфичен начин говори за миграцијата генерално, видена и низ перспектива на човекот, го третира чувството на мигрантот, дилемите, прашањата, припадноста, носталгијата, себе-идентификацијата. Охридската јагула требала да го има истиот пат, да го изнајде сопствениот одос на репродукцијата и опстанокот, но за жал во 1962 година на трасата на јагулата била изградена брана спрема Република Албанија, а денес се наоѓаат на таа линија уште 5 други брани. Со тоа природниот репродуктивен систем на јагулата е присилно запрен и од тогаш Охридското езеро вештачки се мрести со јагули. Овој дискурс го поставува на сериозно рамниште прашањето за човекото влијание врз еколошките катастрофи, од една страна, а исто така и политичкиот удел или перспектива од друга страна. Ги отвора дискурзивите за блокирање или отворање на границите, за различните типови на национализми, за честите човечки мигрирања на трасата Албанија – Македонија во разнодопски услови, од пребегнувањата во минатото од страна на албанската популација која се обидувала да се спаси од режимот на Енвер Хоџа или пак, поновите, трагични пребегувања на сириските бегалци кои го бараат сопствениот пат кон местото за посветла иднина за себе и своите деца (слично како и самите јагули)…
И наместо заклучок, во проектот „Свадбен пат“ на Пулејкова би го апострофирала аспектот на дивергентност и опонентност на човековата когнитивност и свесност, наспроти инстинктивноста на животинскиот свет предаден преку приказната за јагулата. Овој дуалитет дава ексклузивитет во наративот за вторите, бидејќи тенденцијата да се направи измена на вроденото сознание и природен процес е свесен обид на првите да се биде соучесник во природните катастрофи и изумирањата на видовите. Во преносна смисла ова може да се стави и во поинаква конотација, т.е. да се поистовети со релацијата на поголемите и поразвиени држави и народи, наспроти помалите и зависни општества и нивните граѓани, инстинктивно желни за слобода на мисли и утописко – безгранични простори.
КОГНИТИВНО v.s. ИНСТИНКТИВНО
Кон „Свадбениот пат“ на Кристина Пулејкова
М-р Ана Франговска, виш кустос