Изложбата “ФРАГМЕНТИРАНИ РЕАЛНОСТИ / FRAGMENTED REALITIES“ на уметникот Страхил Петровски ќе се одржи во КИЦ (Културно-информативен центар) во Салон Империјал 1 и 2 на 24 ноември 2023 (петок). Истата ќе се отвори со почеток во 20 часот.
„“ФРАГМЕНТИРАНИ РЕАЛНОСТИ / FRAGMENTED REALITIES“, е мултимедијален проект кој ќе биде претставен пред јавноста и љубителите на визуелната уметност, во двата салона на КИЦ. Се работи за изложба на дела од мојата најнова продукција создадени оваа година и се работени во различни медиуми: просторна инсталација, дела на хартија и ready-made објекти поставена/и во салонот Империјал 1 и видео инсталација во салонот Империјал 2.
Што се однесува до самата нарација во делата, тука го претставувам своето наталожено искуство и став за импактот на колективната и особено лична одговорност (изгубена во лавиринтите на обременетата динамична и конфузна технолошка денешнина на информацискиот хаос…), низ комплексни слоеви од универзални значења.
Идејата има длабока стратиграфија, а јасен и концизен концепт. Поставката е чиста во минималистички дух, транспарентна и едноставно читлива. Во овој проект експериментирам и се изразувам преку дела изработени на индустриска хартија, ready – made објекти, фотографија и видео како медиуми кои имаат повеќеслојно значење, иницираат прашања и нудат различни толкувања на размислите кои се однесуваат на егзистенцијалното, при тоа позиционирајќи се себе си како автор и ангажиран критичар на реалноста на современото општество.
Проектот пред сé е моја субјективна реакција, и рефлексија на она што ми (ни) се случува во ова проблематично и турбулентно време (и години наназад), време на конфликти, од секаков тип, политички превирања и разлики – време на изместени вредности, безкрупулозност, континуиран страв и притисок од сите страни, хаос кој речиси секогаш е неповратен, време на кризи и војни кои влијаат на виталноста на целата планета. Во тој контекст оваа изложба нема за цел да ги реши проблемите, туку да генерира прашања, проблеми на свеста и совеста, да ги истражи основните вредности на нашето постоење (онтолошкото во нас како битија), слободата, напредокот, цензурата, самоцензурата – преминувајќи во фрази кои се спротивставуваат на овие принципи и ја ставаат под ризик слободата на човештвото.“, вели авторот Страхил Петровски.
“Живееме во општество во кое се соочуваме со обезвреднување на нештата од секаков вид, испреплетување на разлики и конфликти… Она што веројатно е различно од порано е дека ние веќе немаме конфликти кои се врзани со вредностите или идеалите, но имаме со тоа, на кој начин овие конфликти се изразуваат… Имам чувство дека нашите конфликти се првенствено изразени како културолошки, но … “, вели авторот.
Куратор на проектот e Маја Чанкуловска – историчар на уметноста.
Претходно, во текот на оваа година, Петровски се претстави со просторна инсталација и перформанс со наслов „Гласови“ во Синагогата во Братислава (куратор Маја Чанкуловска), Словачка; во Уметничката галерија во Куманово со фотографска и видео инсталација со наслов „Мементо мори“; а во подготовка да излезе во декември е публикацијата од проектот од минатата година „Синергија во времето“, поставен во Велес (куратор Златко Теодосиевски).
——————
Страхил Петровски е роден во 1974 година во Куманово, Република Македонија. Тој е претставник на средната генерација визуелни и мултимедијални уметници. Тој дипломира сликарство во 1997 година на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” – Скопје, Факултет за ликовни уметности, во класата на ред. проф. Родољуб Анастасов, по што во 2000 година завршува постдипломски студии на истиот факултет кај истиот ментор. Од 2000 до 2002 година работи како надворешен соработник демонстратор по предметот Сликарска технологија и сликарски техники, кај проф. Момчило Петровски и проф. Вело Ташовски, на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, а од 2002 до 2010 година хонорарно е ангажиран во НУ Национален конзерваторски центар – Скопје како надворешен соработник конзерватор во лабораторијата за конзервација и реставрација на икони. Учествува и во реализацијата на првиот научноистражувачки проект „Брестал”, под менторство на проф. Момчило Петровски, на Факултетот за ликовни уметности – Скопје. Неговата уметничка практика опфаќа повеќе форми и медиуми на изразување, како што се: сликарство, инсталација, концептуална уметност, фотографија и видеоуметност. Петровски, особено во последните години, користи теми поврзани со егзистенцијализмот и социополитички прашања како постконцептуален дискурс, но и длабоко естетски решенија како формалистички интерес. Голем број негови дела се наоѓаат во јавни и во приватни колекции, вклучувајќи музеи и галерии во земјава и во странство.
Член е на ДЛУМ од 1997 година, на ИКОМОС од 2001 до 2007 година и на ИКОМ од 2011 до денес. Работи како советник конзерватор – реставратор во НУ Национален конзерваторски центар – Скопје и како Доцент по предметите фотографија и мултимедија на Факултетот за арт и дизајн при Европски Универзитет, Скопје.
Самостојни изложби:
2023 Скопје, “Фрагментирани реалности / Fragmented realities” (мултимедијален проект) Културно информативен центар – Скопје
2023 Куманово, “Мементо мори / Memento mori” (просторна инсталација и видео) НУ Музеј Куманово, Уметничка галерија
2023 Братислава, Синагога во Ступава, Словачка, “Гласови / Voices” (просторна инсталација)
2022 Париз, Франција, “Синергија во времето”(видео инсталација)
Амбасада на Република Македонија во Франција, (Cité des internationale des arts),Париз (Франција)
2022 Велес,“Синергија во времето”, Спомен костурница, Велес (видео инсталација со мапирање на фасада), Европски денови на културно наследство (тема: “Одржливо наследство”), Народен Музеј Велес
2021 Скопје, Кинотека на Македонија, Перформанс “Несреден век”
2021 Скопје, Бела ноќ, Градски парк – Школка, “Занемени / Muted”, (видео инсталација)
2020 САД, Њујорк “Action | Reaction | Wor(l)d | Акција | Реакција | Свет | Збор”, Македонски културен центар, Њујорк – МЦ галерија Њујорк, САД
2019 Скопје,„Еха од иднината| Echoes of the future”, НУ Национална галерија на Македонија, Mултимедијален центар Мала станица, Скопје
2018 Србија, Белград, „SCHISM”(society, culture, history, identity, sequence, masks), Галерија73, Белград (Србија)
2018 Париз, Франција,„Urban Echoes | Урбани eха”, Амбасада на Република Македонија во Франција, (Cité des internationale des arts),Париз (Франција), фото инсталација и видеа
2018 Куманово, „Сите бои на џезот 2018 / All the colors of jazz 2018” (перформанс), Уметничка галерија – НУ Музеј Куманово
2017 Куманово, „Идентитети II”, НУ Музеј Куманово, Уметничка галерија
2017 Тетово, „Language of the wall / Јазикот на ѕидот”, НУ Галерија, Стар амам Тетово
2016 Скопје, „Идентитети”, НУ Национална галерија на Македонија,Чифте амам, Скопје
2003 Охрид, „Пораки, записи, сеќавања”, Куќа на Робевци, Охрид
2002 Австрија, Виена,„Пораки, записи, сеќавања”, Галерија „Ланг“, Виена (Австрија)
2001 Скопје, „Интимни записи”, Културно-информативен центар, Скопје
2001 Скопје, „Крај на векот – Ред / Хаос, Хаос / Ред”, Музеј на град Скопје
1997 Куманово, „Слики и цртежи“, Уметничка галерија- НУ Музеј Куманово
Награди:
1997 Пофалница од Меѓународно жири на СИАБ 97, Музеј на град Скопје
1999 Откупна награда од НУБ „Св. Климент Охридски“, ДЛУМ – Цртеж ’98, Скопје
2000 Награда „Димитар Кондовски“ за сликарство, ДЛУМ – 47. Ревијална годишна изложба, Музеј на град Скопје
2002 Награда „Константин Мазев-Коце“ за сликарство, Македонско ликовно творештво мал формат, Културно-информативен центар, Скопје
2018 11„Ноемвриска награда” на градот Куманово од областа на современата ликовна уметност, Куманово
2020 Награда 75 год. ОСТЕН БИЕНАЛЕ на цртеж Скопје 2020 (посебно признание од жири)
2021 Награда “Вангел Коџоман”, Ликовно творештво Мал формат 2021, Културно информативен центар – Скопје
2022 Гран при 19-ти Зимски салон на ДЛУМ 2022, на тема:”Повторно поврзување, обновување, воздигнување, реконструирање”