Изложба Антологија II (македонско сликарство 1950-1965)

На (10.08.2018, петок) во 20 часот ќе биде отворена изложбата Антологија II (македонско сликарство 1950-1965), избор на дела од збирката на Современа Уметност при Н.У.Завод и Музеј-Охрид, во куќата на Робевци.

На изложбата ќе бидат преставени дела на Петар Мазев, Драгутин Аврамовски-Гуте, Борко Лазески, Иван Велков, Спасе Куноски, Томо Шијак, Димитар Кондовски, Миле Корубин, Љубодраг Маринковиќ-Пенкин, Борислав Трајковски, Ванчо Георгиев, Јован Димоски , Трајче Николовски и Јосиф Трајковски. Изложбата ќе трае до 4-ти октомври.

Новиот ликовен подем кој ќе настане после 1950 година ќе го измени текот на поствоената реформа која ги подготвува уметниците за големите ‘’социјалистички мисии’’. Новата генерација на автори со изразена творечка индивидуалност ќе ги пренесат усвоените академски поуки (здобиени на академиите во Белград, Загреб, Љубљана) на експресионизмот, конструктивизмот, кубизмот и магичниот реализам. Полемичкиот предизвик на Лазески „за или против нефигуративната уметност“ ќе ослободи простор за прифаќање на нови струења и егзистенција на современи правци кои ќе осцилицираат помеѓу објективната и формалната содржина. Борбата за творечка индивидуалност и за ликовно-естетска автохтоност не го дуплира академското искуство туку го проширува со нови инспиративни медиуми поврзани со македонското пластично наследство, традицијата, фолклорот и средновековната уметност.

Тематското проширување е проследено со промена на изразната конфигурација следена од пораките на светските модерни ликовни остварувања. Најнапред преку неоимпресионистичкото ликовно-естетско решение кај делото ‘’Зима’’ на Борко Лазески, потоа преку сублимираните ликовни решенија со превземање на елементи од фовизмот и експресионизмот кај делата на Борислав Трајковски, Трајче Николовски, Јосиф Трајковски, Јован Димовски, Ванчо Георѓиев.

Карактеристичното синтетичко обликување упростување и геометризација на сликарските маси кај делата на Миле Корубин, го наведува афинитетот кон А.Матис, за разлика од прочистената геометриска декоративност во делата на Иван Велков и осцилацијата помеѓу посткубистичкиот манир и апстракцијата, односно истакнатиот однос и осовременетата организација на наследената средновековна уметност во Македонија преку стилизирани апстрактни геометриски форми кај делaта на Димитар Кондовски.

Карактеристичниот конструктивен кубизам и извесните бифеовско расположени линии поставени врз колористички поизедначени придушени темнозелени и темносини тонови постигнуваат една психолошка драматичност и морбидност кај делата на Шијак, доведувајќи го делото на работ помеѓу апстрактното и фигуративното. Оваа фаза на Шијак кој е дел од македонските сликари со најмногу стилски варирања е карактеристична за творечкиот период после 1956-та година. Интимната атмосфера во делото ‘’Мајка’’ на Драган Аврамоски –Гуте, уметник со подеднаков интерес кон графиката и сликарството, ги пренесува истакнатиот интерес за експресионистичката деформација и кубистичкото стерилизање на формите.

Новите продори и истражувања ќе донесат проширување и промена во ликовната проблематика кај македонската модерна уметност. Иако со мало задоцнување по светските ликовни процеси кај некои од уметниците ќе се роди наклонетоста кон магичниот надреализам (делата на Спасе Куноски), наклонетоста кон една морбидна атмосфера, сугестивно колористично решение со смела деформација на формите кај делата на Ванчо Ѓеоргиев, надреалистичката атмосфера преку стилизацијата на формите во делата на Љубодраг Маринковиќ-Пенкин, искуството од енформелот во делото ‘’Тотем’’ на Иван Велков па се до првото нефигуративно дело во македонското сликарство’’ Црвен град’’ на Петар Мазев.

You May Also Like