Националната галерија на Македонија и покрај сите предизвици со кои таа, исто како и цело општество се соочува, успева во континуитет да ги одржи програмските активности на високо ниво, па и оваа година ќе ви претстави и овозможи одлична програма исполнета со бројни активости и изложби за сечиј вкус.
Ова се програмските содржини кои оваа национална институција ги предвиде за 2021 година. Изготвената програма за 2021 е планирана со следната динамика:
⏹Февруари. 2021
Годината започна со меѓународен проект под наслов ФЛУКС АЈДЕНИТИ (FLUX IDENTITY). За него можеше доста да се прочита по медиумите и социјалните мрежи. Станува збор за уметнички дијалог и културно вмрежување меѓу уметници по потекло од блиските соседни земји и други европски земји, кои живеат и работат во Канада, како и со претставници од домашната уметничка сцена. На изложбата се претставија: Two Gullivers (Бесник и Флутура Хаџилари), Милутин Губаш, Сандра Брустер, Весна Перуновиќ, Коко Гузман, Боја Васиќ, Стјуарт Рид, Садко Хаџихасановиќ, Моника Мотеска, Вана Урошевиќ, Роберт Јанкулоски, Дијана Томиќ Радевска, Велимир Жерновски, Шќипе Мехмети. Изложбата беше реализирана во соработка со Канадската амбасада и невладината организација „Визарт“ од Нови Сад, Србија. На уметничката сцена беше поставена од 10 до 26 февруари 2021 година.
⏹Март, 2021
Втор меѓународен проект на Националната галерија, во партнерство со Британскиот совет и агенцијата „Лукс“, е интернационалниот проект под наслов „Допирот“, дел од НИЕ СМЕ ТУКА: ИДНИ ЕКОЛОГИИ.
ИДНИ ЕКОЛОГИИ е една од петте уметничко-филмски програми на проектот НИЕ СМЕ ТУКА: програма за уметнички движечки слики развиена од Британскиот совет и „Лукс“ (LUX), агенција за уметност со седиште во Лондон.
Македонскиот концепт со наслов „Допирот“, кој ќе биде поставен во Мала станица, се однесува на „смртоносниот“ допир на човекот кој го остава зад себе, свесно или несвесно, предизвикувајќи голема штета на целата планета, нејзините живи видови и нивните живеалишта.
Покрај изборот на дела со движечки слики од проектот НИЕ СМЕ ТУКА: ИДНИ ЕКОЛОГИИ, вклучени се и тројца македонски уметници и проекти кои се занимаваат со прашања од областите екологија, миграција, идентитет, прифаќање на другиот во општеството, правење убавина од грдото итн., и тоа: Кристина Пулејкова, Велимир Жерновски и Елпида Хаџи-Василева. Според програмскиот распоред, реализацијата на оваа изложба е предвидена за месец септември. Во текот на изложбата предвидени се дополнителни содржини кои тематски ќе го анимираат настанот.
Прва во низата активности кои го лансираа/промовираа проектот беше онлајн конференцијата насловена „Екологија на мислата“.
⏹Мај, 2021
За мај месец се предвидени три настани.
· Од 11 до 30 мај на програмата е предвидена изложбата на уметницата Заке Прелвукај од Косово, во Чифте амам. Изложбата со наслов „Нови правила“ вклучува неколку циклуси. Делата зборуваат главно за нашите сегашни моменти, за тоа какви биле и какви се денес. Оттаму, моментите ги откриваме и апсорбираме со самосвест, со спонтаност. Во еден одреден момент авторката, како творец на сеќавање, им дава замрзната форма, како објекти во хербариум, со датумот на нивната задршка. На оваа изложба оригиналните уметнички изрази ќе бидат мултимедијални и презентирани со слики, видеофотографии, цртежи итн. Брзата технолошка еволуција и новите времиња ни олеснуваат самите да ги избираме медиумите кои се во согласност со изразите и современата техника што одговара на времето во кое живееме. Концептот на проектот е ориентиран кон нашето праќање своевидна формула [I1] која има за цел да претстави можно решение за заштита и изразување на нашата позитивна енергија, која е блокирана од настани од кои повеќето не се наш избор. Оваа изложба не е ретроспективна, но има дела од неколку изложби кои се избрани за да формираат нов концепт, кој заедно го создава корпусот дела што сочинуваат колективно единство со намера да ни соопштат нешто.
· Веднаш по Прелвукај, со завршување на месец мај, во Чифте амам настапува на сцена Омажот за Димче Коцо, наш еминентен ликовен автор кој остави особен белег во историјата на модерното македонско сликарство, не само преку своето ликовно творештво туку и како ликовен критичар и автор на голем број релевантни трудови од областа на историјата на уметноста. Изложбата е насловена „Омаж – изложба по повод 110 години од раѓањето на Димче Коцо“. Вообичаено, во досегашните презентации на неговото творештво акцентот бил ставан на делата препознатливи за неговиот опус. Но останаа и добар дел од неговите дела кои досега ретко или воопшто не се изложувани пред македонската културна јавност. Овој омаж e потсетување на неговото творештво по повод 110 години од неговото раѓање, а воедно и можност за остварување на една ваква намера. Оттука, на изложбата ќе бидат поставени дела во сопственост на институции и приватни лица кои веќе се познати во македонската ликовна јавност, но и дела кои досега не биле изложувани.
· Во Мала станица е предвиден третиот проект за месец мај (од 4 мај до 4 јуни). Станува збор за миниретроспектива на провокативниот Олег Кулик со наслов „Merry Go Round“. На изложбата ќе бидат претставени Куликовата антологиска акција од 1990-тите и познатиот настап на изведбата од сериите „Бесно куче“, „Ја гризам Америка“, „Америка ме каснува“, Фотоколажи од 2000-тите години, како и друг ретроспективен материјал.
„Кога дојдов во Москва, правев скулптури од стакло – проѕирни фигуративни нешта – и никому не му се допаднаа… Потоа станав уметник/изведувач – перформер, направив голем скандал со човек кој има улога на куче, добив шанса во проектот, а потоа почувствував слобода да можам да продолжам како уметник“, вели Олег Кулик.
Кулик е еден од клучните уметници на современата уметничка сцена во Русија и пошироко. За првпат во Македонија опусот на овој авторот се прикажува во форма на независна, ретроспективна изложба.
⏹Август, 2021
Веднаш по августовскиот празник, на 3 август, во Даут-пашиниот амам ќе се одбележи 70-годишнината од првата поставка во нашата институција со проектот НГМ, 70 години симбол на националната култура во РС Македонија (1951 – 2021). Во средината на минатиот век, свечениот чин на отворањето се случил на 2 август 1951 година, со беседа на директорот Никола Мартиноски.
Националната галерија, еден од стожерите на националната култура, е институција во која се направени првите вистински чекори во развојот на ликовната уметност во Македонија. Формирана во првите повоени години, во сиромашна земја во која немало ниту искуство ниту кадар, таа успеала да ја реализира оваа благородна и професионално добро осмислена идеја за формирање галериска збирка. Прва задача на галеријата била да собере колку што е можно поголем број дела од најдобрите југословенски автори, од класични до современи, со цел ваквата збирка да биде презентирана пред македонската јавност.
Јасниот и логичен зацртан пат полека почнал да се остварува, пред сè благодарение на професионалноста и амбициозноста на нејзиниот прв в. д. директор Борко Лазески, а потоа и на истакнатиот ликовен уметник Никола Мартиноски. Била формирана комисија за откуп на ликовни дела, во која учествувале еминентните македонски ликовни уметници: Лазар Личеноски, Димче Коцо, Димо Тодоровски, Никола Мартиноски и Борко Лазески, чија цел била систематски и брз откуп на дела од сите краеви на тогашна Југославија, пред сè на квалитетни автори од XIX и првата половина на XX век.
⏹ Септември/октомври, 2021
Во втората половина од уметничката календарска година, во месеците септември и октомври, следува богата уметничка програма.
· Даут-пашиниот амам е резервиран за ретроспективната изложба на академик Васко Ташковски (р. на 31.08.1937, во Нижеполе, Битолско), македонски сликар, водечки претставник на надреализмот, фантастичното сликарство, еколошките и космичките теми во македонската ликовна уметност, со широка афирмација на Балканот, во Европа и светот. Неговите дела се наоѓаат во голем број приватни колекции, галерии, музеи и установи во земјата и светот.
Во својот творечки опус Васко Ташковски има повеќе циклуси составени од најразлични теми насловени како: „Екологија“, „Урбани мравјалници“, „Крајбрежни случувања“, Пристаништа“, „Коњи“, „Корења и организми“ и други. Карактеристиките на сликарството на Васко Ташковски се поврзани со надреализмот како сликарсски правец, на кој овој автор му е наполно посветен и е негов најкарактеристичен претставник уште од седмата и осмата деценија на ХХ век. Тој се движи од првичните асоцијативни надреални мистериозни пејзажи кои се дехуманизирани, замислени како метафизички пустош по катастрофа, за да премине кон научнофантастични многузначни вселенски мистерии.
· Од 2 до 26 септември Чифте амам ќе биде место во кое ќе се реализираат две изложби истовременo. Во десниот дел од овој прекрасен изложбен простор ќе биде поставен проектот „Гозба“. Станува збор за инсталација во простор на уметницата Љиљана Михаљевиќ од Хрватска.
Хепенингот „Гозба“ на Љиљана Михаљевиќ е ребус – метафора на нашето современо општество во кое преовладува изобилството кое е во опсег на видливото на окото, а истовремено не е на дофат за сите. „Гозба“ на некој начин е психо-социјален показател на снаодливоста на поединецот (публиката) во совладувањето на препреката (висината на масата) за да се дојде до саканата цел (храна и пијалак) и како културолошките услови на просторот во кој живееме се одразуваат врз човековото однесување.
Хепенингот „Гoзба“ на Љиљана Михаљевиќ за првпат е изведен во 2010 година и досега е реализиран во најдобрите изложбени простори во Хрватска и во странство, а поради јасната порака што ја праќа ниту денес не ја губи својата актуелност и секогаш побудува голем интерес, како кај стручната културна јавност и медиумите така и кај пошироката публика. „Гозба“ во 2013 година е претставена во галеријата на Министерството на надворешни работи и ЕУ-интеграции во Дрезден, Германија по повод влегувањето на Хрватска во ЕУ.
· Во левиот дел на Чифте амам ќе биде претставен академскиот сликар Перица Георгиев-Пепси. Во уметничкото кредо на Перица Георгиев голема улога имаат неговите афинитети кон источната филозофска мисла и религија, духовните практики каква што е медитацијата, на која авторот целосно е посветен, а која извршила големо влијание во неговиот уметнички пат и во пронаоѓањето на сопствениот ликовен ракопис.
· Веднаш по овие две изложби, од 28 септември до 24 октомври, во Чифте амам на распоред е Инсталација „ASC/DESC“ на Горан Деспотовски од Нови Сад. Инсталација ASC/DESC, низ сегменти во кои доминира приказ на кукли кои левитираат, ја покажува положбата на човекот во која е нагласен животниот/судбински тек, човековата ментална, психичка и физичка истрошеност. Во просторниот амбиент се поставени повеќе реплики на предмети со елементи и форма на неупотребен предмет, кревет, фигура/кукла со природна големина, со внесени записи на аудио и текстуални содржини. Сите овие елементи градат поединечни објектни сегменти кои во повеќе клонирани варијанти, во парабола со минимални промени, создаваат нова целина. Позициите во делото го нагласуваат местото на изоставениот човеков живот/неживот, кое може да се насети и кое е дадено само во траги. Доминантните елементи во делото ги создаваат претставите за човекот кој во вистинска физичка смисла го нема, со воведување на празнини во кои се наѕира неговото присуство, со што се засилува впечатокот на човекот како таков – само како човек, субјект без идентитет…
· Од 27 октомври, повторно во објектот Чифте амам, е изложбата на преродбеникот Ѓорѓи Зографски, омаж по повод 150 години од неговото раѓање. Ѓорѓи Зографски потекнува од Рензовско-Зографскиот род, од мијачкото село Тресонче, кој спаѓа меѓу најстарите родови од Река што се занимавале со градителство, зографство, иконопис и копаничарство. Се родил во 1871 година, во село Папрадиште, Велешко. Неговиот татко Јаков бил мајстор градител, резбар и живописец. Од најраното детство Зографски го придружувал татко си на неговите печалбарски патувања со цел да го учи зографскиот занает. Се школувал во Русија и Бугарија, а по враќањето во Македонија се приклучил на тајфата на татко си Јаков, со кого работел во Македонија, Бугарија и Србија. Периодот од 1927 до 1929 година се смета за еден од поплодните негови периоди. Покрај икони и живопис, насликал и многу портрети на познати личности, трговци, занаетчии и на негови пријатели од Велес. Зографски стекнал голем авторитет како сликар, а покрај црковното, почнал да го негува и профаното сликарство. Спонтано ги прифатил новите ликовни струења во уметноста, го збогатил својот ликовен репертоар со нови ликовни идеи и содржини, со теми инспирирани од секојдневниот живот и непосредната околина.
Заедно со неговиот современик Димитар Андонов Папрадишки, извршиле значаен пресврт во македонското сликарство во преродбенскиот период, кога од религиозни теми изработени во духот на локалното византиско и поствизантиско сликарство, за потребите на младиот македонски граѓански слој почнале да обработуваат и световни теми.
Зографски е еден од најзначајните уметници што ја повлекле развојната линија на профаното сликарство во македонската ликовна уметност.
Изложбата претставува ретка можност да се потсетиме на богатото творештво на Ѓорѓи Зографски. Ќе бидат поставени околу 60 ликовни дела (икони и слики).
· Октомври, Мала станица, се време и место за изложбата на Башким Меџити.
⏹ Декември, 2021
· Последниот месец во 2021 година е предвиден за изложбата на Бурим Муфтиу во Чифте амам. Авторот ќе се претстави со техничка фотографија, фотоинсталација со наслов „Сеќавање“, сведоштво за една војна, траума на суровата реалност претставена преку личниот израз на поединецот, неговата фацијална експресија преточена во уникатна, горчлива и трајна лузна. Уметникот го претставува ужасот што војната го остава врз поединецот и колективот, како потресно наследство и сеќавање на преживеаните и на генерациите што доаѓаат. Соочувањето со вистината, прифаќањето на минатото и сегашноста воедно дава можност за преродба и поубава иднина.
· Големото финале за крајот на уметничката 2021 година е резервирано за ретроспективната изложба на Димитар Кондовски во Даут-пашиниот амам. Димитар Кондовски најдоследно во своите дела го остварил стремежот кон синтеза на внимателно одбрани секвенции од духовно-естетскиот и пластичен репертоар на средновековната уметност и оние облици на нонфигуративна и асоцијативна уметност што на тоа традиционалистичко ткиво можеле да му овозможат современа ликовна кохезија. Ваквото негово сликарство, изведено како сложени асамблажи на композитни, деликатни колористични и формални структури, е сублимен степен на долготрајна денатурализација на разновидни визуелни податоци и естетско „филтрирање“ на ликовниот јазик, со цел уметничкото дело да стане автономен естетски феномен. Тоа се состави што потсетуваат на култни, сакрални објекти: низ нив постојано се провлекува едно современо чувство на уметникот, неговата внатрешна потреба, духовниот ритуал и естетиката на овие дела да се вклопи во актуелното ликовно движење, во медитативно и скептично сфаќање на светот.
⏹ Со надеж дека оваа година ќе се смири состојбата со пандемијата од ковид-19, се најавуваат и двете меѓународни изложби.
Првата е изложба на цртежи од Никола Мартиноски во Брежице, Република Словенија, а втората е самостојна изложба на скулптури на Жарко Башески во Приштина, Косово.
⏹ Едукативното одделение на Националната галерија традиционално и оваа година продолжува со низа проекти со социјално-културолошки и инклузивен карактер. Започнуваме со работилници и изложба по повод 2 април, меѓународниот ден за подигнување на свеста за лица со различен спектар на аутистично нарушување и попреченост. Потоа, во мај следува Годишната изложба со наслов „Коцо и јас“, како резултат на претходно одржаните работилници во амбиентот на поставката на Омажот за Димче Коцо во Чифте амам. На крајот од годината, на 3 декември, традиционално ќе го одбележиме Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби. Во проектот учество ќе земат деца со оштетен слух и говор и деца од редовниот курикулум.
Се очекува реализацијата на капиталната инвестиција за реконструкција на објектот Мала станица. Инвеститор и организатор на овој проект е Министерството за култура.
Националната стратегија во културата 2018 – 2022, грижата кон движното и недвижното културно наследство се потврдува со одобрените средства за конзервација и реставрација на 37 мозаици и 5 зграфити, конзервација и реставрација на библиотечното движно културно наследство од музејот „Спомен-куќа на Лазар Личеноски“. Политиките на Министерството за култура се препознаваат преку одобрениот проект на НУ Конзерваторски центар – Скопје за реализација на веќе изготвен основен проект со сите неопходни фази: архитектура, статика, машинство, водовод, електрика и партерно уредување, како и ППЗ и ХТ3-заштита на објектот „Спомен-куќа на Лазар Личеноски“ во Скопје, што претставува директна придобивка за нашата институција.
Реализацијата на сите проекти на Националната галерија се поддржани од страна на Министерството за култура.
Со оглед на состојбите, Националната галерија ги задржува сите права за измена на Годишната програма за 2021.