„Македонска реч“ од Скопје неодамна ја објави книгата на познатиот руски теоретичар Владимир Проп „Историските корени на волшебната приказна“, во превод од руски јазик на Тронда Пејовиќ, со стручна редакција и обемен предговор на проф. д-р Нина Анастасова Шкрињариќ.
Проп е еден од најпознатите проучувачи на приказните во светот, а ова негово дело, заедно со неговото култно дело „Морфологија на сказната“, исто така објавено од „Македонска реч“ пред две години, претставува интегрална двотомна целина.
Од морфолошкиот опис на сказните во „Морфологија на сказната“, во оваа книга Проп преминува кон објаснување на историските причини за нивната појава, кои треба да се побараат во раната историја или праисторијата, на стадиумот на развиток на човековото општество којшто го проучуваат етнографијата, етнологијата, антропологијата и други дисциплини. Во „Историските корени на волшебната приказна“, со помош на богата фолклорно-етнографска граѓа, Проп ја доведува сказната како жанр во најтесна врска со култот и религијата (со обредот и митот), вршејќи исклучително впечатливи ритуално-митолошки и социоантрополошки реконструкции на сказничните мотиви.
Книгата изобилува со впечатливи студии на одделни приказнични мотиви, кои Проп ги смета за општествено обусловени и историски засновани, дури и антрополошки документирани. Оваа студија на Проп, иако е научна, поради интересниот пристап во проучувањето и анализата, не е наменета само за проучувачите на приказните, туку за поширок круг читатели – претставува занимливо четиво за сите читатели љубители на овој прозен жанр.
И двете капитални дела на Проп се изучуваат на многу високообразовни институции во светот на коишто се изучува литературата, односно народното творештво.
Владимир Јаковлевич Проп (1895-1970) е истакнат руски фолклорист и структуралист. Студирал на Историско-филолошкиот факултет во Петроград, а по завршувањето на студиите работел како наставник по германски јазик. Во дваесеттите години учествувал во работата на повеќе научни установи во Петроград (Комисијата за народни приказни на Руското географско друштво; Институтот за историја на уметноста; Институтот за култура на говор и други) каде ги објавува првите научни трудови.
Во 1932 година, почнува да работи на Ленинградскиот универзитет, а со професорско звање стекнува во 1938 година. Покрај двете најзначајни книги: „Морфологија на сказната“ (1928) и „Историските корени на волшебната приказна“ (1946), Проп ги објавил и делата: „Руски јуначки еп“ (1955) и „Руски аграрни празници“ (1963), додека посмртно е отпечатена и збирката пократки трудови „Фолклор и стварност“ (1976) и „Проблемот на комиката и смеата“ (1976).