Денеска (петок, 23 август 2013), од 20:00 часот во галеријата на Центарот за култура “Марко Цепенков”, во рамките на Прилепското културно лето, ќе биде отворена изложба на слики од уметникот Владимир Темков од Кавадарци. Со изложбата Темков, кој се претставува со 30 дела, одбележува 30 години уметничко творештво.
Владимир Темков е во основа лиричар и тој секогаш усвоениот предмет го согледува, доосветлува, нијансира и развива однатре, а не однадвор. Оттука неговиот аскетски тематски репертоар кој се сведува на мал број инспиративни предмети, како што се птицата, рибата, житните пејзажи, копата сено и уште неколку други, не говори за имагинациската скржавост на уметникот, туку за неговата внатрешна сосредоточеност и обработка на тој репертоар….
Своето дело Темков го гради мошне прецизно, со автентичен замав на четката и со богати колорити. Неговите форми се полни со алузии, споредби, асоцијации. Тој не шкрт во експресијата. Неговите дела се одраз на една одлична персонализирана ликовност, кај која потенцијалите на творецот се престоруваат во ефектна ликовност и значајна човечка ангажираност. Кај делата на Темков пленат силината на неговиот потез, ерупцијата на богата ликовна фактура, свежината и оправданоста на ликовната визија и длабокиот хуманизам. Тој е исклучително вреден творец, предан кон работата и својата професија и е водечки културен деец во Тиквешијата.
Изјава на Темков:
“Сакав да направам еден сублимат на моите 30 години творештво. На едно место да ги соберам повеќето мои слики, бидејќи мојот сликарски опус се состои од над 2.000 дела. Голем дел од нив се веќе отуѓени, нешто е подарено, нешто продадено и најискрено веќе и самиот немам евиденција каде се наоѓаат, па затоа фотографијата е таа која што ме потсетува дека некогаш, во некое време, пред толку и толку години сум направил таква слика. Изложбата е потсетник на тоа што сум сликал некогаш – вели Темков.
Податоци за авторот
Роден 1959 година, во Кавадарци, Владимир Темков завршил Педагошка академија и Факултет за ликовни уметности, а од 2001 година е член на ДЛУМ. Автор е на над 60 самостојни изложби во земјава и во странство( Франција, Бугарија, Хрватска, САД), учесник на бројни групни постановки и колонии и од 1996 организатор на Меѓународната ликовна колонија во Кавадарци. Во 2011 година бил на студиски престој во Париз, Франција. За своето творештво уметникот е добитник на повеќе награди и признанија.