Македонскиот уметник Јане Чаловски е дел од второто издание на Проектот „Биенале за современа уметност D-0 ARK Underground во Сараево“ во Коњиц, Босна и Херцеговина кое свечено ќе се отвори денеска (петок 26 април, 2013 година) во Титовата атомска воена централа во градот Коњиц.
Куратори на годинешното издание на Биеналето се Basak Senova од Турција и Branko Franceschi од Хрватска кои вклучија 35 уметници од 19 земји. Од Македонија дел од Биеналето е само Чаловски со делото Веројатен аранжман (Potential Arrangement) а учествуваат и уметниците Adel Abidin (Багдад/ Хелсинки), Alfredo Pirri (Рим), Apparatus 22 и Studio Basar (Букурешт), Armin Linke (Берлин), Brian Dailey (Вашингтон), Carlo Crovato (Лондон), Cynthia Zaven (Бејрут), Edo Murtić и Dalibor Martinis од Загреб, Emre Erkal (Анкара), Laibach (Љубљана), Luchezar Boyadjiev (Софија), Miroslaw Balka (Варшава), Nemanja Cvijanovic (Ријека), Renata Poljak (Загреб/ Сплит) и STEALTH.unlimited (Белград/ Ротердам).
Со уметничките дела поставени на првото издание на Биеналето, сега вкупно 82 дела ја красат Титовата атомска воена централа, од вкупно 70 уметници од 28 земји.
Во рамките на второто издание на Биеналето e организирана и јавна програма која се одвива оваа седмица, а на која своја презентација и разговор со публиката има и Чаловски. Овој дел се одвива во периодот од 23ти до 25.04.2013 во Бошњачкиот институт Фондација Адил Зулфикарпашиќ.
Вториот дел од придружната програма на Биеналето е тркалезната маса на која ќе се разговара за улогата на Биеналето како институционален модел и одговорноста на кураторот, за образовната функција на Биеналето и начинот на работење во уметноста. Тркалезната маса има значајна и практична улога во запознавањето на студентите со некои од водечките историчари на уметност, куратори на други биеналиња, теоретичари и уметници. Тркалезната маса ќе им помогне на студентите да слушнат за експертизата и продукциските модели кои се случуваат на интернационално ниво. Учесници на тркалезната маса се: Iaroslava Boubnova (Русија/Бугарија), Ute Meta Bauer (Германија), Nikolaus Hirsch (Германија), Pelin Tan (Турција) и Anton Vidokle (Русија/САД), а модератори на дискусијата се кураторите на годинешното биенале Basak Senova (Турција) и Branko Franceschi (Хрватска).
Уметничката практика на Чаловски е насочена кон експериментални идеи често ситуирани во конкретна специфичност на нова културна и политичка географија адресирајќи ја нецеловитоста и недостигот од наративи и историја. Објектите, цртежите, видеата и инсталациите на Чаловски често произлегуваат од неговото континуирано искуство во различни интернационални контексти и биле изложувани интернационално на индивидуални и групни изложби како Tate Britain (Лондон), Музејот на современа уметност (Скопје), The European Kunsthalle (Колоњ), Contemporary Art Center (Вилнус), Konshallen Brandts (Оденс), Kronika (Битом), Philadelphia Museum of Art, The Drawing Center (Њујорк) и други места. Тој исто така изложувал и на Манифеста 3 (Љубљана, 2000) и Манифеста 7 (Болзано, 2008).
Титовото атомско засолниште наречено АРК, е изградено во периодот од 1953 до 1979 год., од страна на југословенската армија, како воен бункер со функција на главен центар за воени операции или воени команди и како засолниште за претседателот Јосип Броз Тито, неговото семејство и неговите најблиски соработници, во случај на војна. Засолништето окупира простор од 6500 м2, се состои од 12 поврзани блокови и може да згрижи 350 луѓе. Наликува на комплициран лавиринт, со резиденцијални простори, соби за конференции, канцеларии, соби за стратешко планирање и други функционални делови. Изградбата и постоењето на бункерот биле држани во тајност до 1990-тите години кога АРК било конечно откриено.